Македонија
ССНМ: Објавена декларација за подобрување на работничките и на професионалните права на новинарите и медиумските работници
Подобрување на професионалните и на работничките права, како и на условите за работа на новинарите и медиумските работници, се главните пораки од декларацијата што денеска на прес-конференција во Скопје беше презентирана од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Меѓународната федерација на новинарите (ЕФН).
Декларацијата, која беше поддржана и од Здружението на новинарите на Македонија и од Институтот РЕСИС, беше создадена по тридневната „Мисија за скрининг и застапување за професионалните и работничките права на новинарите и медиумските работници“ во Македонија, дел од проектот „Работнички права за независно новинарство“, поддржан од Европската Унија.
Декларацијата се базира на тоа дека професионалните новинари и медиумите треба да може да работат во слободна медиумска средина, без притисоци и закани, за да се гарантира функционирањето на демократските процеси во Македонија, како и од премисата дека само безбедни и добро платени новинари и медиумски работници може да продуцираат новинарство што го штити јавниот интерес.
Декларацијата беше презентирана од генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинарите, Ентони Беланжер, дел од тимот на мисијата заедно со Нисрин Саламех од ЕФН и медиумскиот експерт и консултант, Деирдре Кевин.
По тридневните средби со надлежните институции за медиумската легислатива, како и со редакции и медиумски организации, мисијата се запозна со состојбата на слободата на медиумите во Македонија и со условите во кои работат новинарите.
„Никогаш не заборавајте дека новинарите работат во јавен интерес, никогаш не заборавајте дека новинарите работат во интерес на граѓаните на својата земја. Демократијата мора да брани слободен и независен печат. Демократијата мора да им овозможи на медиумите и на новинарите да работат во добри услови. Демократијата мора да обезбеди етичка и економска независност на своите новинари и медиумски плурализам“, рече Беланжер на прес-конференцијата.
Тој испрати и силна порака дека Законот за медиумите мора да ги зема предвид демократските стандарди, но и меѓународните документи и одлуки како на МФН така и на главните агенции на Обединетите нации.
Претседателот на ССНМ, Павле Беловски, се осврна на борбата за работничките и професионалните права, како и на важноста на поддршката од професионалните организации, како ЕФН.
„Оваа посета или мисија за нас е важна од повеќе аспекти, пред сè, многу ни значи поддршката што ја добиваме од Меѓународната федерација на новинарите, која претставува стотици илјади новинари од целиот свет, но е важна и поради искуството и знаењето што го имаат тие, како и од Деирдре Кевин, кога се работи за борбата за работничките права и застапувањето за нивно остварување како преку директна борба така и преку подобрување на законските решенија, кои се однесуваат на медиумите“, рече Беловски.
Експертот за медиумска легислатива, Деирдре Кевин, ја истакна потребата од развивање целосно нова легислатива за медиумите.
„Многу е важно да се проодлжи со процесот на подобрување на медиумската легислатива, особено усогласување со Европскиот закон за слобода на медиумите. Ова се однесува и на заштитата на условите за работа на новинарите. Секако, потребна е и транспарентност на финансирањето на медиумите. Преку ЕУ-проект во 2023 година веќе беа изработени низа анализи и препораки за нов закон за медиуми, со кои се подобруваат и заштитуваат работничките права на новинарите. Исто така, се препорачува и формирање фонд за медиумски плурализам и квалитетно новинарство“, рече Кевин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

