Македонија
ССНМ: Повик за номинации за медиум-промотор на новинарството како јавно добро
Во тек е повикот за номинации „Медиум-промотор на новинарството како јавно добро – Роберто Беличанец“. Тргнувајќи од премисата дека демократско општество кон кое Македонија се стреми е можно само доколку новинарството се третира како јавно добро, како инструмент преку кој власта е под постојана контрола и преку кој се заштитува јавниот интерес, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници во 2018 година ја воспостави годишната награда „Медиум промотор на новинарството како јавно добро“, која го носи името на прерано починатиот борец за слобода на изразување и експерт за медиуми – Роберто Беличанец. Медиумите се платформата преку која новинарите и медиумските работници комуницираат со граѓаните и без слободни медиуми, кои го разбираат концептот на јавно добро и јавен интерес, не е можно остварување на потребното влијание за исполнување на главната функција на новинарството.
Затоа, ССНМ ги повикува сите новинари и медиумски работници да номинираат медиум за кој сметаат дека го заслужува ова признание, кое сметаме дека ќе биде не само поттик за медиумот туку и за новинарите и медиумските работници.
Признанието ќе му се додели на медиумот што ги задоволува следниве критериуми: континуирано чувство за општествена одговорност, третирање на новинарството како јавно добро преку залагање за слобода на изразување, придржување до кодексот на новинари, третирање теми од јавен интерес… како и коректен однос кон вработените – почитување на нивните работнички и професионални права.
Комисијата за избор на добитник на оваа награда номинации ќе прима до 27 октомври, а новинарите и медиумските работници номинациите може да ги испраќаат по електронска пошта на [email protected] или на фејсбук-страницата на ССНМ(https://www.facebook.com/Sindikatnanovinari/).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).

