Македонија
ССНМ: Со новото раководство ЗНМ добива и нов квалитет
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) му честита и го поздравува изборот на Младен Чадиковски за претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и му посакува успешно раководење со организацијата. ССНМ исто така го поздравува и им го честита и изборот и на сите други колешки и колеги во управните и надзорните тела на ЗНМ, како и во Советот на честа, и сигурен е дека со нив ЗНМ добива нов квалитет.
„ССНМ сака да потсети дека не само блиското минато покажува дека новинарската фела и медиумската заедница своите најголеми успеси во смисла на остварување на слободата на говорот и слободното дејствување на медиумите во својата јавно корисна работа ги постигнувале само кога се сплотени во борбата за заедничките вредности, кои се воедно и универзални вредности и дел од основните човекови права и слободи. Во таа насока ССНМ е сигурен дека како и досега, ЗНМ ќе води политика на успешно сплотување на новинарите и на медиумската заедница и дека ќе имаме успешна соработка во заштита на новинарите и во одбрана на слободата на говорот“, велат од Синдикатот.
ССНМ му изрази и благодарност на досегашниот претседател Насер Селмани за успешната соработка во борбата за заедничките вредности и му посакува натамошен успех на професионален и личен план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Третиот стожер на „Стратегијата Македонија 2030“ е правна држава и институционална зрелост
Развојот на државата е невозможен без силни и доверливи институции. Затоа, „Стратегија Македонија 2030“ поставува јасна обврска, а тоа е систем изграден од правила, стандарди и професионализам, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес го презентираме третиот стожер – Правна држава и институционална зрелост. Нашиот план се заснова на три основи, а тие се независност, професионалност и транспарентност.
Првиот чекор е итно потребен, а тоа е независно судство. Судиите и обвинителите мора да напредуваат според компетентност, интегритет и резултати, а не според партиска припадност. Во овој дел дигитализацијата ќе ја зголеми транспарентноста и ќе ја намали можноста за евентуални злоупотреби“.
Вториот чекор, вели тој, е администрација која ќе служи на граѓаните, а не командува. „Јавната служба мора да биде според мерит-систем, а тоа значи професионална и ориентирана кон граѓанинот. И во овој дел, дигиталните процеси ја намалуваат корупцијата и ја зголемуваат ефикасноста.
Третиот чекор е реална борба против корупцијата. Не со прес-конференции, туку со систем. Дигитализирани јавни набавки, автоматски проверки, алгоритамски аларми и професионални структури независни од политиката.
Четврт и последен чекор од овој трет стожер е полиција со кредибилитет. Полиција која мора да штити, а не да владее. Таа мора да биде видлива, одговорна и доверлива.
Правната држава не е формалност, таа е темел на економијата, демократијата и стабилноста. Системот мора да биде посилен од било кој поединец“.
Македонија
Откриени нелегално поставени рибарски мрежи во Охридско Езеро, запленети 46 килограми риба
Државниот инспекторат за земјоделство, во соработка со ПС за граничен надзор „Охридско Езеро“ (Езерска полиција), спроведе засилен заеднички надзор со цел заштита на рибниот фонд за време на периодот на природен мрест.
Во текот на контролите на потегот од поранешната Детска болница до хотел „Метропол“, инспекциските служби открија и одзедоа девет нелегално поставени рибарски мрежи. Од нив беа извадени 343 единки охридска белвица и 36 единки клен, со вкупна тежина од 46.6 килограми.
Одземените мрежи и рибниот улов, согласно законските процедури, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
„Потсетуваме дека периодот на забрана за лов на охридска белвица и охридска пастрмка трае од 1 декември до 28 февруари, поради што контролите ќе продолжат со несмален интензитет. Институциите и понатаму ќе преземаат координирани мерки за заштита и обновување на автохтониот рибен фонд во Охридското Езеро“,, велат од Инспекторатот.
Македонија
Општините го воспоставија Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион
Општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион денес, во Скопје, одржаа конститутивна седница и официјално го формираа Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) – формален и функционален механизам што ги обединува двата региона во единствена структура за управување со отпад. Со ова, државата прави решителен чекор кон воведување модерен, координиран систем за управување со отпад по европски стандарди.
На настанот се обратија Златко Перински, министер за локална самоуправа, Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање, Душица Перишиќ, Извршна директорка на ЗЕЛС, Игор Никовски, директор на Управата за животна средина и Лена Фалкон, програмски директор во SALAR International.
Веднаш по поздравните обраќања, свечено се потпиша договорот за воспоставување на МОУО. Со воспоставувањето на МОУО, општините прават јасен премин од досегашните ад-хок и фрагментирани решенија кон стабилен, системски и одржлив пристап. Новиот регионален модел овозможува предвидливи процеси, јасни надлежности и координација помеѓу институциите, што резултира во подобра организација, поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни услуги и поголема сигурност за граѓаните. Овој системски пристап е суштински за да се обезбеди конзистентно, транспарентно и професионално управување со отпадот, усогласено со домашното законодавство и европските стандарди.
Новоформираното тело ќе има обврска да: усвојува регионални планови за управување со отпад, ги одобрува клучните инвестиции во регионалната инфраструктура, координира активности за затворање на постојните депонии и надминување на проблемите со дивите депонии, го надгледува спроведувањето на Регионалниот систем за управување со отпад (РСУО), обезбедува транспарентност и активно вклучување на граѓаните во процесот.
Овој мандат на МОУО создава силна основа за стабилен, отчетен и долгорочно одржлив систем за управување со отпад на регионално ниво.
Со воспоставувањето на МОУО всушност започнува следната фаза од реформата за управување со отпад, која вклучува пред сѐ изработка на нов Регионален план за управување со отпад 2026–2032, финализирање на процесот за формирање на регионалното комунално претпријатие, координирање на работата на надлежните институции, но и засилен ангажман за целосно и навремено информирање на јавноста. Овие активности се суштински за воспоставување целосно оперативен РСУО.
Градоначалниците од двата региона преку колективна одлука, покажаа дека регионалната соработка е клучна за развојот и квалитетот на живот на граѓаните.
Шведска и Швајцарија, како долгорочни партнери даваат поддршка во процесот, обезбедувајќи стабилност, експертиза и кредибилитет во секоја фаза од реформата.
Активностите се спроведени во рамки на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, поддржан од Шведска, имплементиран од SALAR International.

