Македонија
ССНМ ја поздравува одлуката на Владата за помош за вработените во медиумите
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници ја поздравува одлуката на Владата да го прифати барањето за субвенционирање на придонесите за социјално и пензиско осигурување за вработените во медиумите. Според уредбата усвоена на владината седница одржана на 10 јуни, вработените во медиумите ќе бидат ослободени од целосно плаќање на придонесите за јуни, јули и август.
Оваа мерка важи за медиумите и медиумските куќи, телевизиите, радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет-портали, кои, меѓу другите, ќе исполнат неколку основни услови: медиумите што им ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на ниво пред почетокот на вонредната состојба; да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата; да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време и да не отпуштаат за време на користење на помошта.
„ССНМ своето барање до Владата за оваа мерка го темелеше на три принципи – начелото дека само социјално и економски обезбедени медиумски работници може професионално да си ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста, како и фактот дека целта на секоја економска помош треба да бидат самите вработени, односно подобрување на нивната социјално-економска положба. Третиот принцип се однесува на фактот дека новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата се на фронтот во борбата против вирусот.
Напоменуваме дека идејата за оваа помош произлезе од податоците дека сите други економски мерки, кои се однесуваа на медиумите, не успеаја докрај да ја постигнат целта бидејќи и покрај нив, платите на вработените во многу медиуми беа намалени, а во одредени беа забележани и отпуштања“, се вели во соопштението.
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници смета дека ова е важен чекор кон подобрување на работничките права на новинарите и медиумските работници и дека заедничката солидарност и самоорганизираност покажува дека можеме да се избориме за поголемо унапредување на стандардот и нашите работнички права.
„Овој пример покажува дека заштитата на правата на вработените е во полза на медиумите и следствено на нивните сопственици и затоа за нас останува нејасна праксата на обесхрабрување на вработените синдикално да се организираат од страна на некои сопственици на медиуми. Апелираме до колегите новинари и медиумски работници да пријавуваат и до нас и до надлежните државни органи какви било прекршувања како на оваа уредба така и на сите други работнички права што произлегуваат од Законот за работните односи.
Истовремено, повикуваме на професионално, точно и навремено известување, односно почитување на новинарските стандарди и кодекс, нешто што е од особено големо значење во кризи, како пандемијата на Ковид-19“, се додава во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пуштена во употреба реконструираната обиколница во Крива Паланка
Реконструираната обиколница во Крива Паланка е пуштена во употреба.
На настанот присуствуваше премиерот, Христијан Мицкоски, кој нагласи дека Владата продолжува со реализација на капитални инвестиции.

Тој посочи дека ваквите проекти претставуваат додадена вредност за граѓаните и за економијата и најави дека во наредниот период во Крива Паланка и во регионот ќе се реализираат инвестиции во вредност од неколку стотици милиони евра.
„Крива Паланка е влезна точка на делот од Коридорот 8 во Македонија“, рече Мицкоски, додавајќи дека меѓу приоритетите се третата фаза од железничката пруга, забрзување на втората фаза, како и нови патни делници кои ќе го заобиколат влезот во Куманово за сообраќајот кон исток.

Премиерот истакна дека Владата останува фокусирана на капитални инвестиции, при што како клучни ги наведе Коридорите 8 и 10, со приоритет на патничко, железничко и енергетско поврзување.
Мицкоски оцени дека инвестициите ќе придонесат за економски раст и ќе создадат услови за развој на локалните заедници, изразувајќи очекување дека дел од иселените граѓани ќе се вратат и ќе продолжат да живеат и работат во земјата

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се обрати од настанот, рече дека со изградбата на експресниот пат Страцин–Крива Паланка, реконструкцијата на обиколницата и модернизацијата на граничниот премин Деве Баир целосно се развива источното крило на Коридор 8.
Тој посочи дека реконструкцијата на обиколницата, во должина од 4,5 километри, е инвестиција од 1,2 милиони евра и претставува значајно поврзување со Бугарија како витален дел од Коридор 8. Додаде дека во тек е модернизација и проширување на граничниот премин Деве Баир, при што првата фаза се очекува да заврши до јуни, а потоа ќе следи проширување на капацитетите.

Николоски нагласи дека во соработка со ЕУ се бара решение и за модернизација на делницата Страцин–Романовце, како и дека интензивно се работи на железничкото поврзување кон Исток. Потпишан е договор со Бугарија за прекуграничниот тунел, а се очекува Крива Паланка да биде поврзана со Скопје со дневна железничка линија.
Македонија
Кривични пријави за 10 возачи поради возење без возачка дозвола
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода 10 возачи, од кои пет лица за возење под дејство на алкохол, на територија на Куманово, Кривогаштани, Битола и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, четири лица се санкционирани затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на тетовско, Гостивар, Гевгелија и Кавадарци. Еден возач е лишен од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа во Скопје. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Бегај пречекан со високи почести во Гостивар, Валбон Лимани му го додели „Клучот на градот“
На свечена церемонија со високи почести, градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, вчера оствари официјална средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај.
Во просториите на Општина Гостивар, во присуство на пратеници од регионот, општински советници, претставници на верските заедници и истакнати личности од градот, градоначалникот Лимани му го врачи на претседателот Бегај „Клучот на градот“ – највисокото признание што го доделува Општина Гостивар на личности со посебен придонес и значење.
Во своето поздравно обраќање, градоначалникот Лимани ја оцени посетата како момент со посебна политичка и емоционална тежина за градот, истакнувајќи ја симболиката што ја носи присуството на Претседателот на Албанија во град претежно населен со Албанци.
„Посебна чест е што на почетокот на мојот мандат како градоначалник на Општина Гостивар, да му кажам во ваше и во мое лично име: Добредојдовте во Гостивар, Претседателе на Република Албанија. Вашето доаѓање има посебна симболика за нас“, изјави Лимани.
Тој ја оцени улогата на претседателот Бегај во достоинственото претставување на Албанија и на Албанците ширум светот, особено во време на предизвици и значајни геополитички случувања, нагласувајќи дека неговото лидерство внесува смиреност, сигурност и национална гордост.
Во образложението за доделувањето на признанието се наведува: „На Претседателот на Република Албанија, г. Бајрам Бегај, за достоинственото и мудро застапување на сите Албанци и пошироко, низ целиот свет.“
Врачувајќи го симболичниот клуч на градот, градоначалникот Лимани истакна дека со овој чин за претседателот Бегај отворени се сите врати во Гостивар, оценувајќи го овој момент како еден од најзначајните настани во неговиот мандат.
Посетата на претседателот Бегај во Гостивар беше оценета како потврда за силните врски меѓу Албанците и важен чекор кон продлабочување на соработката и националното единство.

