Македонија
Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, за само една година, две промени во позитивната листа на лекови која не беше обновена 10 години, се пофали Клековски
„Не почнавме од нула, туку од минус. 10 години во Македонија не беше обновена позитивната листа на лекови. 10 години од 2014-та година ниедна промена на позитивната листа, за една година ние успеавме да направиме две промени. Во првата промена 9 генерички лекови, во последната 2 онколошки лекови кои од следниот понеделник ќе бидат достапни во аптеките“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната трибина во Штип на тема „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“.
Клековски додаде дека фокусот бил ставен на лековите.
„Благодарејќи на поддршката на владата одвоивме неверојатни пет милијарди денари за иновативни лекови, тоа е 70% повеќе од 2024-та година или двојно повеќе до 2023-та година. Тоа се многу повеќе пари, една милијарда повеќе за онкологија, повеќе пари за хематологија, педијатрија. Ова не се само пари, ова се животи спасени и олеснети. Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, сите пациенти на неврологија со мултипла склероза опфатени. Луѓето на кои им треба хормон раст не чекаат веќе на тоа, и многу такви примери“, вели Клековски.
Тој истакна дека бројот на ин витро што го покрива ФЗОМ наместо 3 сега е зголемено на 6 и исто така процесот за добивање известување за барателите на ин витро е дигитализиран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче зборува за сиромаштија, а оди на зимување во Дубаи
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска на прес-конференција остро го критикуваше Венко Филипче, обвинувајќи го за лицемерие и двојни стандарди.
Манасиевски изјави дека, додека Филипче во јавноста зборува за тежок живот, ниски плати и економски проблеми во државата, паралелно заминал на зимување во Дубаи – една од најскапите дестинации во светот. Претходно, како што рече, Филипче летувал и на милионската јахта на Зоран Заев во Грција.
Тој наведе дека Филипче во различни периоди покажувал наводна загриженост за пензионерите, младите, пациентите и земјоделците, но дека за време на владеењето на СДСМ не биле реализирани ветените политики во овие области. Манасиевски посочи и дека во периодот кога Филипче бил министер за здравство, имало спорни тендери.
Во обраќањето, Манасиевски изјави дека, според сведоштва за кои немало демант, Филипче поседувал недвижност во Дубаи, додавајќи дека Антикорупциската комисија при СДСМ – АКТ, треба да го истражи потеклото на средствата.
Тој исто така го спомена и експремиерот Зоран Заев, за кого изјави дека од земјоделец станал милионер и дека градел висококатница во Дубаи, наведувајќи дека и овој случај треба да биде предмет на истрага.
Манасиевски оцени дека во СДСМ нема реална намера за реформи или кадровско освежување и дека партијата продолжува со истата политика од времето на Заев. Тој додаде дека СДСМ е незадоволна единствено поради тоа што не е на власт и дека нивното седумгодишно владеење покажало дека не се грижеле за проблемите на граѓаните.
Македонија
(Фото) Се преврте цистерна на патот Струга – Ќафасан, сообраќајот во прекин
Министерството за внатрешни работи информира дека во моментов во целосен прекин е сообраќајот на патниот правец Струга – Граничен премин „Ќафасан“ поради превртена цистерна на патот.
Засега нема повеќе информации како се превртела цистерната и дали има повредени.
„Сите надлежни служби се излезени на местото на настанот и се преземаат мерки за утврдување на причините за незгодата и за нормализирање на сообраќајот за што соодветно ќе ја известиме јавноста“, велат од СВР – Охрид.
Македонија
Угостител во Скопје работел и покрај забраната, обвинителството бара меркa на претпазливост
Обвинителството поведе постапка против едно лице за кривично дело – Симнување и оштетување на службен печат.
Осомничениот е сопственик и управител на угостителски објект „Јужна пруга“ во Скопје, на кој со Решение од овластен инспектор за животна средина од Општина Аеродром му била изречена забрана за вршење на дејност, што било истакнато и на влезната врата на објектот. Меѓутоа, тој решението го отстранил, а при контрола инспекторите констатирале дека угостителскиот објект и покрај изречената забрана продолжува да работи и во него се присутни гости.
Со тоа што продолжил да врши угостителска дејност иако не исполнувал услови за тоа, осомничениот манифестирал непочитување на службените акти, нарушувајќи службена функција на издадениот акт – решение и попречувајќи го нормалното функционирање на државните и јавните институции.
Бидејќи со симнувањето на службениот знак постои основано сомнение дека е исполнето битието на кривично дело, јавниот обвинител побара од Судот да определи и мерка на претпазливост додека трае кривичната постапка, односно да изрече забрана осомничениот да врши дејност – давање угостителски услуги и во целост да го спроведе Решението на надлежните инспекциски служби.

