Македонија
Ставен во функција новиот топловод под мостот „Беласица“

Новиот топловод под мостот „Беласица“ од ноќеска целосно е ставен во функција обезбедувајќи стабилна и сигурна испорака на топлинска енергија. Поставувањето на новите топловодни цевки беше завршено во рекордно краток период од помалку од два месеца благодарение на високата ефикасност и посветеноста на тимовите на АД ЕСМ и „ЕСМ – Дистрибуција на топлина“, соопштија од АД ЕСМ.
„Иако првично беше предвидено привремено приспособување на квалитетот на испораката за мал дел од корисниците за време на финалните активности, ефикасната координација и професионалноста на екипите овозможија поврзувањето на новиот топловод со постојниот систем за дистрибуција на топлинска енергија да помине без никакви прекини или отстапки во квалитетот на испораката. Задоволен сум што со тимска работа и вложување натчовечки напори успеавме да го завршиме зафатот за 40 дена и овој капацитет веднаш да го ставиме во целосна функција“, изјави Петар Милетиќ, директор на „ЕСМ – Дистрибуција на топлина“.
Од компанијата нагласуваат дека оваа успешно завршена активност уште еднаш ја потврдува стратешката посветеност на АД ЕСМ и „ЕСМ – Дистрибуција на топлина“ кон модернизација на енергетската инфраструктура и обезбедување квалитетна услуга за потрошувачите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Полицијата казнуваше и денес, откри 96 сообраќајни прекршоци

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје денеска во периодот од 08:30 до 16:00 часот спроведе зајакната акциска контрола во делот на сообраќајот на територијата на град Скопје.
При контролата санкционирани се вкупно 96 учесници во сообраќајот, од кои изречена е 41 мерка за возење со брзина поголема од дозволената, 15 санкции за возачи на мотоцикл кои управувале без заштитна кацига, четири мерки за возење без возачка дозвола, две санкции за возење мотоцикл без поседување на дозвола со соодветна категорија, две мерки за малолетни лица за управување мотоцикл кои при тоа немале положено возачки испит за познавање на сообраќајните знаци и правила на сообраќајот, а едно лице било приведено во полициска станица за утврдување на идентитет за сторен сообраќаен прекршок по член 211 поради непочитување на знаци и наредби од полициски службеници и 31 мерка по други сообраќајни прекршоци, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Полицијата апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заеднички да придонесат за подобри, посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
ДУИ: Власта целосно го отстрани Европското досие на земјата

Демократската Унија за Интеграција изразува сериозна загриженост за погрешниот правец во кои Власта ја води државата, за што граѓаните сѐ погласно бараат ново политичко преиспитување.
„По клучните прашања од стратешки интерес, Власта се соочува со целосен пораз на приоритетите кои самата ги престави како државен интерес, што несомнено треба да резултира со предвремени парламентарни избори
Водени од популистичките мотиви во пресрет на претстојните локални избори, Власта целосно го отстрани Европското досие на земјата и можноста за продолжување на преговорите со ЕУ.
Во популистичките емотивни настапи, Премиерот не само што ја отфрла можноста за дополнување на Уставот со внесување на неколку малцинства, туку јавно се фали и го посочува како највисок политички успех на земјата изигрувањето серија од Ерга омнес обврскитете кои произлегуваат од Стратешките договор со Грција или Преспанскиот договор. Тоа само укажува дека јавниот притисок што го создаваат изборите целосно ја оттргнаа оваа Влада од Европското досие, или како што самите го нарекоа Приоритето број еден“, велат од ДУИ.
Власта со своите постапки ги прави сите напори за дерогирање на механизмите кои прозлегуваат од Охридскиот рамковен договор, што, пак, претставува сериозно наручување на мултиетничкиот карактер на државата – најсилниот и најважен темел на долгорочната стабилност и просперитет.
„Недостатокот од преговори, во исто време ѝ овозможи на Власта целосно да го зароби правосудниот систем, да го стави во лична и партиска фунција, и на јавна сцена да ја демонстрира дисциплина и надвластување и врз Јавното обвинителство, и врз Судската власт.
Оваа неприродна состојба создава јасна и недвосмислена потреба кај граѓаните за политичко преиспитување на Власта.
На државата ѝ е потребна долгорочна политичка стабилност што единствено може да се обезбеди преку одржување на предвремени парламентарни избори заедно со локалните.
Тоа ќе создаде и простори без изборно соочување од неколку години, што ќе им овозможи на политичките елити да влезат во суштински политички процес за спас не европското досие на земјата и фаќање на последната можност за приклучок назад на европскиот пат заедно со Албанија и Црна Гора“, додаваат од ДУИ.
Македонија
Таравари отиде во Турција каде ги посети пациентите од трагедијата во Кочани

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска ја посетил болницата „Чам ве Сакура“ во Истанбул, каде што се лекуваат двајца од младите повредени во пожарот во Кочани.
-Во оваа болница првично биле примени шест пациенти, од кои четворица сега се пуштени на домашно лекување откако им се подобрила здравствената состојба. Двајцата преостанати пациенти, Мартин и Борис, се во стабилна состојба и продолжуваат со закрепнувањето, се наведува во соопштението.
За време на посетата Таравари, придружуван од претставници на Конзулатот на Македонија во Истанбул, се сретнал и со родителите на пациентите и изразил „поддршка и солидарност во овие тешки моменти“.
-Тој изрази посебна благодарност до д-р Мустафа Туран и конзулот на Северна Македонија во Истанбул, Идриз Фазлиоски, за покажаната грижа и посветеност. „Свежата болка на Кочани е донекаде ублажена од Мартин и Борис, кои се подобри и наскоро ќе ги пречекаме дома. Ви благодариме, драга Турција, за целата грижа и гостопримство, нагласил Таравари.
Министерот за здравство вчера во Едрене, Турција, учествувал и се обратил на Балканскиот здравствен бизнис-форум при што соопштил дека 165 пациенти од Македонија во 2024 година биле лекувани во здравствени установи во Турција.