Македонија
Стара градска ќе го намалува бројот на пациенти, нов обид за реновирање
Старата градска болница, односно ЈЗУ Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, ќе го намалува бројот на пациенти оти повторно се подготвува за реконструкција. Докторите велат дека добиле насоки да почнат да ги селат пациентите од урологија на други оддели во болницата и да примаат само итни случаи бидејќи од таму, овој пат, ќе почнат градежните активности. Од Министерството за здравство велат дека и покрај плановите оваа болница целосно да се пресели во новата градска болница што ќе се гради во Аеродром, стара градска ќе се реновира.
„Таму имаше почнато реновирање, стигнато е до пола. Имаме важечки договор, ако го прекинеме ќе плаќаме пенали. Претходно било планирано да се реновира така што ќе запре работата, вработените требаше да се иселат на 6 месеци. Ние имавме многу состаноци за да најдеме начин како може да се реновира без да запре работата. Направивме еден терк со вработените да се реновираат одделите, а да не запре работата. Ќе ги реновираме одделите за да може таму да се работи, а за обнова на операционите сали ќе бараме решение понатаму“, изјави за „Макфакс“ министерот за здравство, Венко Филипче.
Овој пат од градежната фирма што ги изведува работите добиле ветување дека обновата ќе заврши за четири месеци.
Вработените велат дека условите во болницата се очајни. Вода протекува на сите страни, третиот кат веќе две години стои затворен за пациенти со до пола направени соби, нема инсталации, за лифтот има окно кое зјае празно, а тие се принудени секојдневно во такви услови да импровизираат за да им помогнат на пациентите. Велат дека и покрај лошите услови, болницата е полна. Иван Спировски, в.д директор на болницата, за „Макфакс“ потврди дека се неопходни поправки за да можат да работат.

Реконструкцијата на болницата треба да заврши за четири месеци
„Ова е стара зграда и за да може да функционира мора да се доведе во некоја оптимална состојба. Се планира нова зграда, меѓутоа додека таа се изгради мораме оваа да ја приспособиме за да издржи уште неколку години. Ова повеќе ќе биде санација, ќе се поправа сè што треба да биде поправено, односно реконструкцијата ќе продолжи онаму каде што застанала со тоа што нема да се реновираат операционите сали бидејќи за тоа треба целосно затворање оти ова е хируршка клиника. Ќе работи истата фирма што ја почна реконструкцијата и тие ќе си увидат дали досега направиле некаде пропуст и каде треба да се интервенира“, рече директорот Спировски.
Градежните работи сè уште не се почнати туку се прават само подготовки. Директорот Спировски вели дека кога ќе бидат подготвени да се почне со работа, ќе ги известат и пациентите и останатите клиники.
„Бројот на пациенти ќе се намали отприлика за една третина. Сега имаме капацитет за 120 – 130 пациенти. Кога ќе почнеме со работа ќе ги известиме сите засегнати, вклучително и останатите клиники за да можат да преземат дел од пациентите. Ќе се работи во фази, нема да ја затвориме клиниката туку од функција ќе се исклучи една вертикала. Ќе се испразнат 10 – 15 простории“, вели директорот Спировски.
На обновата на болницата работи Друштвото за производство инженеринг, услуги и трговија „Конструктор Рената и др.“. Тие во мај 2016 година потпишаа договор со Министерството за здравство за 147.500.000 денари или близу 2,4 милиони евра да ги завршат градежните работи во рок од 24 месеци, но реконструкцијата на болницата беше сопрена лани по смената на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

