Македонија
МВР набави нови чевли за полицајците

Деновиве, во магацинот на МВР пристигнаа 8.000 чифта чевли со тенок ѓон од италијанскиот производител „Гриспорт“, фабрика што инаку ги снабдува и полициите на повеќе земји од ЕУ. Вкупната вредност на набавката на чевлите со тенок ѓон изнесува 25.520.000 денари без ДДВ. Во насока на реализација на стратешките активности за континуирано подобрување на материјално-техничките услови за работа на полициските служби, Министерството за внатрешни работи постојано набавува униформи и друга опрема за полициските службеници, информираат од оваа институција.
Додаваат дека Министерството за внатрешни работи преку италијанскиот „Гриспорт“ реализира набавка и на 10.000 чифта чевли со дебел ѓон, а вкупната вредност на набавката изнесува 37.000.000 денари без ДДВ, како и 10.000 чифта полувисоки чевли, набавени преку производителот „Дермал“ од БиХ, со вкупна вредност на набавката од 42.800.000 денари без ДДВ. Испораката на оваа опрема се очекува да биде реализирана во наредниот период. Набргу се очекува испораката и на 2.330 флуоросцентни елеци, 8.000 маици, 8.000 виндјакни, 20.000 кошули.
МВР потсетува дека нови униформи пред неколку месеци добија Единицата за брзо распоредување, Единицата за обука и поддршка и Интервентната полиција, а во изминатиот период беа обезбедени пловни објекти и мотоциклистичка опрема за полицијата.
„Министерството за внатрешни работи продолжува со континуираните набавки на униформи и опрема за полициските службеници и во наредниот период, а продолжуваме и со реконструкција, односно реновирање на полициските станици, за да се овозможат подобри услови за работа. Досега се реновирани 56 енергетски ефикасни објекти, а деновиве ќе бидат промовирани реновираните објекти во општина Ранковце и Старо Нагоричане“, потенцираат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.