Македонија
Стевчо Јакимовски во судница, ден откако ја презеде градоначалничката функција
Еден ден откако ја презеде градоначалничката функција во општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска се појави на суд каде што му се суди за дело злоупотреба на службената положба и овластување.
На стартот од судењето, Јакимовски достави поднесок дека родителите на неговиот адвокат се заразени со корона, потенцирајќи дека се вакцинирани. Прашан од судијата Осман Шабани дали адвокатот кој не дојде на рочиште, живее со родителите, Јакимовски кажа дека само имал постојан контакт со заразените. Ова е и причина за одложување на рочиштето.
„Јакимовски наведе дека покрај неговиот татко и мајка со кого имал интензивен контакт, во семејството на бранителот се заразени и други членови на семејството. Поради избегнување на евентуално ширење на заразата, бранителот до произнесување на органите за испитување нема да може да присуствува на главните расправи”, кажа Шабани и побара од Јакимовски неговиот бранител да се тестира и да достави решение за изолација.
Ова беше прво судење за овој предмет, по судската ферија. Предметот се суди одново, бидејќи судечкиот судија Горан Бошевски беше разрешен, а нов судија е Осман Шабани. За овој предмет, Јакимовски беше и во куќен притвор. Тој се гони бидејќи со неговите дејствија, Обвинителството тврди дека направил штета од 7.209.600,00 денари без ДДВ на буџетот на Општина Карпош.
Според Обвинителниот акт, обвинети се 6 лица. Првообвинетиот Јакимовски е обвинет за повеќе кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело бесправно градење од Кривичниот законик. Тој се товари дека од 2011-2017 година, како градоначалник, во повеќе наврати ја злоупотребил службената положба и овластување во постапки за јавна набавка и во постапка за легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште во државна сопственост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

