Македонија
Стефанова бара бизнисмените да ги вратат парите што ги стекнале со кривични дела, а тие бараат спогодби за „Империја“,
Истрагата за случајот „Империја“ е завршена, а дел од осомничените се решиле да соработуваат со обвинителката Лиле Стефанова и побарале спогодби. Засега не се открива за кои лица се води истрага и ќе се донесе одлука за да бидат обвинети. Познато е само дека истрагата е проширена бидејќи сомнежите на Стефанова се дека осомничените сториле повеќе кривични дела, а опфатени се и нови лица.
„Во моментов нема спогодби, но има иницијативи за спогодување. Не можам да ви кажам лица. Постапката за спогодување не е тајна, повеќе лица имаат поднесено иницијативи за спогодување. За лицата и делата нема да зборувам, ако бидат постигнати спогодби, ќе бидат споделени. Нема кривично дело за кое не може да се прифати спогодба, ама дали ќе се прифатат условите за спогодбата, зависи од тие кои се спогодуваат. Целта во овој предмет ќе биде дали обвинетите се спремни да ја платат, односно вратат имотната корист со која се стекнале со извршувањето на кривичните дела“, кажа Стефанова.
Според неа, има квалитетни докази во истрагата и додаде: „Ценам дека ќе имаме уште еден успешен предмет во кој ќе докажеме како се извршени кривичните дела и очекувам конфискација на имот и имотна корист од тие кривични дела. Точно е дека и кривичната пријава за МПМ беше препратена во СЈО, чија истрага заврши. Ќе биде донесена одлука и за него“.
„Овој предмет по случувањата кои се општо познати премина во ОЈО-ГОКК. Сакам да појаснам дека некои од дејствијата на делата почнуваа од истрагата во 2002 година. Истражната постапка заврши за сите дела за кои беше поведена. Започнаа известувањата за завршена истрага, следува обвинетите во 15 дена да доставуваат докази. Сите тие извршија увид во доказите. А потоа Обвинителството ќе одлучи, а бидејќи лично подолго време го работам предметот мислам дека е зрел за одлука, мислам дека до крај на мај ќе има одлука за секое од делата и обвинетите, согласно прибавените докази“, вели Стефанова.
Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година и до денес истата ја предводи обвинителката Лиле Стефанова. Осомничени освен Камчев и Мијалков се уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тополова-Исајловска: Криминалот врз културното наследство остава трајни последици
Јавното обвинителство е една од клучните институции-потписнички на двата меморандуми за разбирање, чија цел е зајакнување на институционалните капацитети за справување со кривични дела против културното наследство и животната средина.
Настанот го означи успешното завршување на твининг проектот помеѓу Италија и Република Северна Македонија,финансиран од Европската Унија со средства од Инструментот за претпристапна помош – ИПА.
“Кривичните дела во овие области се карактеризираат со високо ниво на сложеност. Тие често вклучуваат организирани структури, прекугранични активности, финансиски интереси и значителна материјална штета. Последиците од ваквите дела, за разлика од други форми на криминал, во голем дел се трајни – уништеното културно добро или деградираната животна средина речиси никогаш не можат целосно да се обноват. Затоа, покрај националните механизми, од суштинско значење се и инструментите на меѓународна правна помош, размената на информации и оперативната соработка, како со институциите од регионот, така и со институциите од Европската Унија”, истакна при потпишувањето на меморандумите В.Д. Јавниот обвинител, Анита Тополова Исајловска.
Целта на проектот, во чија реализација беа вклучени италијанските Карабинери со специјална експертиза, беше зајакнување на националните капацитети за спречување, истражување и борба против кривични дела поврзани со културното наследство и животната средина во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ.
Меѓуинституционалната соработка беше зајакната преку структурирани механизми за координација, што резултираше со потпишување на двата Меморандуми за разбирање со кои се воспоставуваат национални мултиинституционални платформи за заедничко дејствување против криминалот со културното наследство и животната средина.
Македонија
СДСМ: Корупцијата цвета, Македонија на ниво на Буркина Фасо и Танзанија според Транспаренси
СДСМ обвини дека корупцијата во Македонија „цвета“, повикувајќи се на Извештајот на Транспаренси за 2025 година, според кој, како што наведуваат, земјата е на ниво на Буркина Фасо и Танзанија.
Од партијата тврдат дека граѓаните „секој ден гледаат дека во Македонија цвета корупцијата поради криминалот на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
Во соопштението се наведува дека „161 тендер се доделени на една фирма, 51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините, 9 милиони евра за фирма само со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“.
СДСМ ги споменува и петте тони дрога преку граница, оценувајќи дека се случил „најголемиот нарко-скандал во регионот со дрога од Македонија која била шверцувана во Србија“.
Според партијата, „наместо реформи во правосудството, власта презема целосна контрола врз судството и обвинителството и носи закони кои не се согласно препораките на ЕУ“.
„Нема борба против криминалот и корупцијата туку има обиди за заштита на криминалците од врвот на власта“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението се додава дека „сè тоа ја става Македонија во групата на земји како Буркина Фасо и Танзанија, според Извештајот на Транспаренси за 2025 година“.

„Македонија го има својот Мадуро кој ја води земјата кон намерна изолација од ЕУ за може слободно да се спроведува грабежот зад грбот на граѓаните“, додава СДСМ.
Македонија
(Видео) СДСМ ја напушти седницата откако предлогот за минимална плата од 600 евра не се најде на дневен ред
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата во Собранието откако владејачкото мнозинство одби предлог-законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред. Во меѓувреме пред Собранието се одвиваше блокадата организирана од Сојузот на синдикати за зголемување на минималната плата на 600 евра и на другите плати за 100 евра.
„Не може моето право како координатор или пратеник од опозицијата да е послабо од правото на кој било пратеник на власта“, нагласи координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, повикувајќи го претседателот на Собранието, Африм Гаши, да образложи зошто предлогот за зголемување на минималната плата не се стави на гласање, и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека СДСМ го поднел предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на 31 јануари, со што бил исполнет условот точките поднесени до крајот на минатиот месец да бидат ставени на седницата.
„Дополнувањето односно поправањето на текстот, според собранискиот Деловник, не значи повторно поднесување“, рече Спсовски. Според него, барањето на синдикатите минималната плата да се зголеми на 600 евра или 36.960 денари е реална основа и постои можност за обезбедување финансиски средства.
„Има можност, само треба политичка волја да се излезе на барањето на работниците“, додаде Спасовски, потсетувајќи дека кога владата на СДСМ го почнала мандатот, минималната плата била 8.600 денари, а кога завршил 22.400 денари.
СДСМ остро реагираше на одлуката на претседателот на Собранието, истакнувајќи дека постапката создава двојни стандарди.
„Не може да имате двојни стандарди во однос на поднесување на законски текстови. Ако ги извадите стенограмите, ќе видите на колку седници реагирам дека се ставаат на дневен ред предлози доставени до почетокот на седницата, но само ако предлогот е од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Спасовски.
По едночасовната пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, нагласувајќи дека „оваа пракса уште повеќе го руши дигнитетот на Собранието и ги става пратениците во подредена улога едни наспроти други“.

