Македонија
Стефанова: Груевски поседува имот што го пријавувал на туѓи имиња
Обвинителката Лиле Стефанова најави голем број сведоци и докази за случајот „Плацови на Водно“, односно начинот на кој експремиерот Никола Груевски ги трошел од сметката на партијата.
На обвинителна клупа денеска седнаа бизнисмените Јордан Камчев и Ненад Јосифиќ, мајката на Камчев, Ратка Камчева и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков.
Камчев и Мијалков беа спроведени од истражниот затвор во Шутка, а во судницата Јордан Камчев седна до неговата мајка.
Единствено Груевски, како првообвинет, не е присутен на судењето.
Судијата Илија Трпков, на барање на обвинителството, одлучи нему да му се суди во отсуство.
„Груевски беше премиер повеќе од 10 год. Во целиот овој период тој негуваше статус на лице кое е безимотно, нема возило, има заштеда од плата и живее во станот на мајка си. Сепак, содржината на снимените разговори упатува на сосема друга слика, дека Груевски поседува имот што го запишувал и пријавувал на туѓи имиња, а вклучени биле и фирми регистрирани за таа намена“, рече обвинителката Стефанова.
Таа пред судот изјави дека во текот на процесот лице ќе сведочи како во 2008 година експремиерот купил стан на негово име, а истото го сторил и во 2009 година.
„Ќе ги изведам сите материјални докази со кои судот ќе се убеди дека Груевски купил плац од 2.700 м2, веднаш до резиденцијата на Вилма Трајковска. Таму требало да никне барокна куќа. Плацот бил купен со пари – подарок од сведок на јавното наддавање во Министерство за транспорт за 100.000 евра. Груевски обезбедил и два плаца во Крушево, имот кој бил негов, но не го пријавил во анкетниот лист“, рече Стефанова во воведниот говор.
Таа додаде дека бара целиот имот од обвинителниот акт да биде конфискуван.
Додека Стефанова го даваше воведниот збор, Камчев постојано се смееше, по што беше опоменат од судијата, дека станува збор за сериозна работа.
Во кривичниот суд Скопје денеска почна судењето за случајот „Плацови на Водно“.
Првообвинет е поранешниот премиер Никола Груевски, неговиот кум од првиот брак Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ и Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков.
Предметот го води судијата Илија Трпков, а обвинител во случајот е Лиле Стефанова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

