Македонија
Стефковски: Повисоки плати за 2.800 денари за вработените во општина Гази Баба

Вработените во општина Гази Баба ќе добијат повисоки плати за 2.800 денари.
Утрово заедно со претставници на Синдикалната организација во општина Гази Баба потпишавме измена на Колективниот договор со што ќе се изврши линеарно зголемување на платата на вработените во општинската администрација и вработените во ЈКП Гази Баба за 2800 денари, напиша на својот фејсбук-профил градоначалникот Бобан Стефковски.
Високата инфлација, ценовниот шок и општото зголемување на животната потрошувачка беше она што ме водеше при донесување на одлуката за зголемување на платите.
Покрај ова верувам дека со оваа мерка дополнително ќе се мотивираат вработените во администрацијата кои изминатите месеци посветено работат на реализација на проектите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Аматеризмот во надворешната политика ни донесе двојна штета за стратешките партнерства со САД и ЕУ, според СДСМ

Вчерашното позиционирање на делегацијата на Северна Македонија во ОН во однос на гласањето по резолуциите на САД и ЕУ е скандалозно. Северна Македонија гласаше „воздражно“ за резолуцијата на ЕУ и беше единствена држава од Европа покрај Унгарија која не ја поддржа оваа резолуција. Дополнително, за декларацијата на САД, на која што нашата Влада и Мицкоски одлучија да бидат коспонзор, повторно Северна Македонија гласаше „воздражно“, велат од СДСМ.
Ваквите одлуки, според нив, укажуваат на целосен аматеризам во воедењето на надворешната политика на земјата.
„Со само еден потег, Владата направи двојна штета кон стратешките партнерства со ЕУ и САД. Ставот на СДСМ во однос на војната во Украина е јасен, цврст и усогласен со ЕУ: Русија е агресор и изврши неоправдана и непредизвикана инвазија врз Украина која е суверена и независна држава. Овој став е принципиелен и непроменет. СДСМ останува доследен на принципите за поддршка на независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и заедничките позиции на Европската унија“, потенцираат од опозициската партија.
За СДСМ, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави е од суштинско значење и треба постојано да се гради и зајакнува.
Истовремено, како што нагласуваат, македонската дипломатија мора да остане фокусирана на нашиот клучен државен интерес – европската интеграција.
„Соединетите Американски Држави се еден од најважните страатешки партнери и тоа партнерство треба да биде во функција на забрзување и успешно завршување на евроинтегративниот процес. Мицкоски ја води меѓународната политика без поширока координација и консултации на важни прашања и прави огромни грешки. Неприфатливо е одлуки кои се од стратешко значење за иднината на земјата да се носат избрзано и своеволно. Одлуките за меѓународната позиција на државата мора да се носат транспарентно, со координација на сите релевантни институции и во согласност со нашите стратешки партнери“.
СДСМ, додаваат, инсистира на јасна, конзистентна и усогласена надворешна политика која ќе ги почитува и зајакнува нашите меѓународни партнерства, а истовремено ќе ја води државата кон нејзината примарна стратешка цел – членство во Европската унија.
Македонија
Меџити за обвинувањата: СДСМ и ДУИ се синхронизирани, не може административна работа да се прикаже како голем скандал

СДСМ оди по паметот на ДУИ, синхронизирани се. Не може административна работа или архивска работа да се прикаже како голем скандал, реагира првиот вицепремиер, Изет Меџити по обвинувањата на Социјалдемокртскиот сојуз дека работел незаконски, лично потпишувајќи ги сите предмети, без законска основа и без почитување на процедурата за административно постапување.
Меџити рече дека првин се зборувало за одземање на ингеренции од Министерството за животна средина, па кога виделе дека инспекторатот кој бил автономен, сега е сектор во рамките на Министерството, излегуваат со второ обвинување дека има простор за злоупотреба и тоа тоа го констатирал административниот инспекторат.
„Се работи за редовна контрола која е во програмата на Државниот административен инспекторат. Тие имаат забелешка, опомена за воспоставена пракса а не за ингеренции. Тоа е пракса воспоставена од ДУИ и СДСМ, од 2016 година. Редица министри од нивните редови“, рече Меџити.
СДСМ претходно денес во Владата му достави документи на премиерот Христијан Мицкоски за скандалот со Меџити. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска изјави дека во документите јасно е наведено дека Меџити ги пречекорил своите овластувања лично потпишувајќи ги сите предмети, констатирал Државниот управен нспекторат.
Македонија
Герасимовски: Субвенционираме по 10.000 денари за полагање возачки испит, возењето без возачка е недозволиво

Општина Центар информира дека распиша Јавен повик за доделување субвенции на младите жители на општината за полагање на возачки испит Б-категорија во автошколи регистрирани на подрачјето на Центар. Овој повик е отворен на 25 февруари 2025 година и ќе трае до исцрпување на средствата од општинскиот буџет, најдоцна до 31 декември 2025 година.
Право на субвенција имаат сите млади лица кои во текот на 2025 година ќе наполнат 18 години, односно родени се во 2007 година, а живеат на подрачјето на Општина Центар најмалку една година. Субвенцијата изнесува 10.000,00 денари и може да се користи единствено за полагање на возачки испит во автошколи кои се регистрирани во Општина Центар.
„Обуките на младите за безбедно учество во сообраќајот се од голема важност за нас. Младите лица кои сакаат да управуваат возило мора да имаат возачка дозвола и да бидат одговорни возачи за да можат да учествуваат безбедно во сообраќајот. Возењето без возачка дозвола во Центар е недозволиво. Преку оваа субвенција ќе помогнеме во координација со автошколите од општината да се обезбеди најквалитетна обука за сите млади кои ќе запишат часови. Безбедноста на нашите граѓани, особено на младите е приоритет, да возиме совесно. Вози совесно“, истакнува градоначалникот Горан Герасимовски.
Доставата на барањата се врши во архивата на Општина Центар – Скопје (барака бр. 6), од 09:00 до 15:00 часот, со приложување на следните документи:
-Барање за субвенција;
-Копија од лична карта;
-Копија од трансакциска сметка;
-Доказ за извршена уплата во автошкола;
-Доказ дека автошколата е регистрирана на подрачје на Општина Центар;
Сите заинтересирани граѓани за дополнителни информации можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-680 или преку е-пошта: [email protected].
Со оваа мерка Општина Центар – Скопје обезбедува безбедност за младите на патиштата, возењето без возачка дозвола е недозволиво, додаваат од општината.