Македонија
Стефковски: По 61 година, училиштето во Црешево добива спортска сала
Денес во населеното место Црешево се постави камен темелник за изградба на нова училишна сала на подрачното општинско основно училиште Наум Охридски во Гази Баба.
– Училишната сала која започнува да се гради ќе може да се користи за различни категории на спорт и тоа кошарка, одбојка, ракомет и други активности од физичкото и здравственото образование. Дополнително ќе се изградат и помошни простории како соблекувални со тоалети опремени со тушеви, канцеларија за наставниот кадар и простор за складирање и чување на спортските реквизити, информираше градоначалникот Бобан Стефковски.
Вкупната вредност на проектот изнесува 34.099.421 денари.
На настанот пред присутните се обрати градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски кој истакна:
– Денес започнува со реализација уште еден капитален проект во општина Гази Баба. По 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште добиваат училишна сала која ќе се гради согласно сите европски стандарди. Почетокот на реализацијата на овој проект е благодарение на претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски кој по само неколку денови од својот мандат го реализираше ветувањето за доделување на финансиска поддршка за реализација на капитални проекти во општините. Образованието останува високо на нашите приоритети. Изминатиот период преку нашата посветена работа и бројните реализирани проекти во оваа област покажавме дека може да се создаваат дела кои години наназад ги очекувале граѓаните, наведе тој.
На настанот присуствуваше и претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, пратениците во Собранието Жаклина Пешевска, Зоран Коцевски, Дијана Илиевска, министерката за образование и наука Весна Јаневска и голем број граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

