Македонија
Стејт департментот со забелешки за верските слободи во Македонија
Американскиот Стејт департмент го објави годишен извештај за верските слободи за 2017 година, во кој во делот за Македонија се наведува дека верските разлики продолжуваат да фигурираат во кривични и граѓански судски процеси. Притоа, Стејт департментот го нотира повторениот процес против владиката Јован Вранишковски.
„Основниот суд Скопје лани во март го осуди Вранишковски, архиепископ на Охридска архиепископија, за перење пари. Владиката беше осуден на седум месеци затвор. Судот, исто така, нареди конфискација на земјиште на ОА во вредност од 140 илјади евра, што подоцна и се изврши“, се вели во извештајот.
Во него се нотира дека Европскиот суд за човекови права во ноември пресуди во корист на ОА, наведувајќи дека со одбивањето да ја регистрира како одделна верска група, власта ги нарушила првата на оваа црква за слобода на здружување и слободно практикување вера.
Во извештајот се споменуваат и случаи на антисемитистички говор на социјалните медиуми, вандализам во цркви и грабеж во џамија. „Постојат примери кога лица фрлале антисемитистички флаери во дворот на канцелариите на Еврејската заедница. Има неколку инциденти на вандализам и кражби во православни цркви, еден случај на вандализам на православни гробишта, како и еден инцидент на кражба во џамија“, се наведува во извештајот.
Исламската верска заедница (ИВЗ) забележала дека Владата ја фаворизирала Македонската православна црква – Охридска архиепископија, додека помали верски групи пријавиле нееднаков владин третман во споредба со петте верски заедници признаени со Уставот.
Во извештајот се наведуваат и поплаките од Исламската верска заедница во Македонија, за тоа дека во селoто Лажец и во Крива Паланка се вршaт блокади за изградба на џамии под притисок од локални жители, кои се противат на изградбата. ИВЗ, исто така, се пожалила дека властите продолжуваат да ја блокираат реконструкцијата на џамијата во Прилеп, запалена за време на конфликтот во 2001 година.
Во извештајот за 2017 година се наведува и дека Македонската православна црква се пожалила дека општина Струга сè уште не донела одлука за изградба на православна црква во селото Белица и дека општина Тетово одбила да изгради пристапен пат до градската црква.
Според извештајот, Владата не ги вратила сите претходно конфискувани имоти на верските заедници во текот на годината. „Американскиот амбасадор и други претставници од Амбасадата на САД се сретнале со владини и парламентарни претставници за да разговараат за верските слободи. Амбасадата ги поддржа напорите за едукација за холохаустот, и спонзорираше владини лица и претставници на граѓанскиот сектор да учествуваат во програми во САД, кои се фокусираат на промовирање верските слободи и права“, пишува во најновиот извештај, кој треба да биде поднесен до американскиот Конгрес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

