Македонија
Стипендии за студирање на најдобрите светски универзитети
Министерството за образование и наука информира дека во тек се конкурсите за доделување стипендии за граѓаните на Република Северна Македонија коишто во академската 2022/2023 година, ќе се запишат на прв, втор или трет циклус на студии на еден од првите десет рангирани универзитети од сите области, односно на еден од првите сто рангирани универзитети од областа на техничките науки, архитектурата, градежништвото, математиката, меѓународното право, економијата и финансиите, физиката, биологијата, хемијата, медицинските науки и генетиката, според последната објавена ранг-листа на Центарот за универзитети од светска класа при шангајскиот Џио Тонг универзитет.
Покрај главниот услов за доделување на овие стипендии, а тоа е уписот на студии на некој од најдобрите 10 универзитети во светот од сите области, односно еден од најдобрите 100 универзитети од наведените области, секој потенцијален кандидат треба да е државјанин на Република Северна Македонија, да не е корисник на стипендија од друг давател, да поседува доказ за активно познавање на јазикот на кој се изведува наставата и да има постигнато одреден успех во текот на претходното образование (просечна оценка од 4,5 во текот на средното образование, доколку аплицира за стипендија за додипломски студии, односно 8,5 во текот на првиот или/и вториот циклус на студии доколку аплицира за стипендија за постдипломски, односно докторски студии).
Износот на стипендијата зависи од земјата и универзитетот на кој кандидатот се запишал и ги покрива трошоците за уписнина најмногу до 40.000 американски долари на годишно ниво, повратен авионски билет и месечен паричен надомест.
По завршувањето на студиите, кандидатите согласно потпишаниот договор за користење на стипендијата имаат обврска да се вратат во Република Северна Македонија и да работат во јавниот или приватниот сектор најмалку двојно поголем период од периодот на студирање.
Исто така, во тек е и конкурсот за доделување стипендии за додипломски студии од прв циклус во странство од областите на ликовната уметност, кинематографија, и филмска продукција, драмската уметност и музиката за академската 2022/2023 година.
Сите подетални информации за условите, критериумите, потребните документи и пропишаните обрасци за аплицирање, заинтересираните кандидати можат да ги обезбедат преку интернет страницата на Министерството за образование и наука, на следниот линк.
Крајниот рок за аплицирање е 15 септември 2022 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

