Македонија
Стоев кон Вархељи: Бугарија е конзистентна, Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите
Бугарија ја задржува својата позиција за европска интеграција на Република Северна Македонија, која произлегува од декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година и рамковната позиција усвоена од Советот на министри на 9 октомври 2019 година. Ова го изјави бугарскиот министер за надворешни работи, Светлан Стоев, пред еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељи, објавија бугарските агенции.
На Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година, нагласи шефот на бугарската дипломатија.
Министерот за надворешни работи, Светлан Стоев, пред еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељи, ја потврди принципиелната позиција на Бугарија во поддршка на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија.
Стоев, како што пренесуваат медиумите, го информирал еврокомесарот за актуелните случувања во билатералниот дијалог со Скопје нагласувајќи ги напорите што ги прави бугарската страна за враќање на довербата на сите нивоа.
„Бугарија останува доследна во поддршката за европскиот пат на земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија. Водени од оваа позиција, вложивме сериозни напори за одржување отворен и целосен дијалог со нашите соседи и враќање на довербата во нашите односи“, рече Стоев. Во исто време тој истакна дека за да се поддржи почетокот на пристапните преговори меѓу Република Северна Македонија и ЕУ, на Бугарија ѝ се потребни конкретни активности и гаранции за трајно и неповратно спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година.
„Очекуваме Република Северна Македонија да покаже политичка волја за надминување на разликите. Бугарија, од своја страна, останува активно вклучена во барање можности за решавање на отворените прашања“, изјавил Стоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.

