Македонија
Стоилковиќ- Рокас: изразена поддршка кон реформските процеси во делот на заштитата на правата на етничките заедници
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците,Иван Стоилковиќ денес оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на ЕУ во РС Македонија, Михалис Рокас.
На средбата стана збор за клучните прашања, приоритети, но и идните планови на Министерството за односи меѓу заедниците, како и соработката со ЕУ, со акцент на помалите етнички заедници во земјава.
„Како Министерство ни значи соработката со ЕУ од причина што помалите етнички заедници немаат друга адреса освен ЕУ, со оглед на тоа какво искуство имавме се надевам дека работите со ваша помош ќе ги исправиме“, рече на средбата Стоилковиќ и истакна дека е задоволен од тоа како се одвиваат работите во првите 100 дена.
Заклучокот на двајцата соговорници беше дека заштитата на етничките заедници е приоритет на Министерството за односи меѓу заедниците, како и дека постојат многу точки за кои може да се зборува, а, како што нагласи, амбасадорот на ЕУ Рокас нашата земја секогаш може да смета на помош и поддршка од Унијата.
Амбасадорот Михалис Рокас го изрази своето задоволство од, како што рече, храброста и решителноста на вицепремиерот и министер Стоилковиќ за изнесените податоци за затекнатата состојба во Министерството, и воедно ја изрази својата поддршка кон реформските процеси и приоритетите во делот на заштитата на правата на етничките заедници и нагласи дека не смее да има никакво оправдување и сето она што е злоупотребено треба да биде процесуирано.
Тема на разговор беа и економските прилики во земјата и фактот дека соработката меѓу балканските земји ќе придонесе за стабилноста во регионот, а придобивките ќе ги чувствуваат сите.
На крајот од средбата Стоилковиќ уште еднаш упати честитки до амбасадорот за назначувањето на новата функција и изрази уверување дека соработката, но и пријателските односи не само што ќе го задржат досегашното ниво, туку и ќе се продлабочат во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.
Македонија
(Видео) Безбеден град денес регистрираше 500 казни
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва преку објава на социјалната мрежа Фејсбук им порача на граѓаните дека треба да бидат горди на себе.
-Први февруари 2026 година, околу 20 часот. Има драстично намалување на бројката на сообраќајни прекршоци споредено со пред 2 месеци кога почнавме со тест периодот. Имаме околу 500 сообраќајни прекршоци констатирани од страна на паметните камери и сакам да укажам огромна благодарност до македонските граѓани и совесните учесници во рамки на сообраќајот зашто вие сте тие кои овозможивте драстично да се намали бројката за период од околу 2 месеци од 120 илјади прекршоци на 500, порача министерот.

