Македонија
Стоилковски побара од Филипче и Дончев да поднесат оставки

Цела недела откако експлодираше аферата „Рекет 2“, Венко Филипче никаде го нема, изјави на прес-конфренција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Тој порача дека не смее да се замижи пред истрагата и побара од Ден Дончев и Венко Филипче да поднесат оставки, бидејќи од позиција на моќ би можеле да влијаат врз работата на истражните органи, а може да влијаат и врз докази и сведоци.
ВМРО-ДПМНЕ бара истрага која ќе одговори на прашањата дали зад намерата на Ден Дончев и на Венко Филипче да се сопре продажбата стои изнуда на пари и месечни транши кај благајник во струмичко, како и дали Дончев комуницирал или на некој начин бил во контакт со Зоран Милески Кичеец и дали преку него е вршен притисок приватна успешна компанија да биде продадена на лице по волја и избор на Дончев.
„Зошто ако имало криминал ФЗОМ продолжил со соработката со компанија за која се сомнева дека има криминал? Кој е благајникот со брада во струмичко? Дали е злоупотребена и вмешана Управата за финансиско разузнавање? Дали зад истрагата за наводен криминал и смрзнувањето на капиталот на приватен бизнисмен не стои рекетирање и зошто нема никакви резултати од таа истрага и по година дена? Дали Зоран Заев бил запознаен со притисокот врз приватниот бизнисмен и доколку е запознаен, дали го аминувал односно зошто не го пријавил Рекет2 кај Рускоска? Дали македонското МНР и Никола Димитров биле запознаени за Рекет2 од странски дипломат и во тој случај зошто тоа го пријавил кај Рускоска?“, се прашањата што портпаролот на опозициската партија ги постави на денешната прес-конференција.
Стоилковски оцени дека во Македонија економијата живее во страв од секојдневни нови рекетирања испорачани од власта и го повтори ставот дека се неопходни предвремени избори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Милионските вмровски шеми во Еразмус+ мора да бидат расчистени и да следи одговорност

„Скандалот со вмровските шеми во Еразмус+ вреден милиони евра мора целосно да биде расчистен од страна на Обвинителството и да следи одговорност“, велат од СДСМ.
„Владата назначи лице под активна истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) за в.д. директор на Националната агенција.
Тоа јасно ја покажува намерата на власта да ги штити партиските и бизнис интереси по секоја цена, да се обиде да влијае на случајот којшто е во Јавното обвинителство откако ОЛАФ го достави изветајот со сите наоди.
Официјалниот извештај на ОЛАФ од 2023 година наведува постоење на основан сомнеж за злоупотреба на над 2,2 милиони евра европски пари во период на владата на Груевски, почнувајќи од 2016 година.
Владата веднаш треба да ја разреши Ана Михајлов а Јавното обвинителство без одлагање да постапи по наодите на ОЛАФ.
За злоупотреби нема место во образованието. Одговорност мора да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Спортот ја развива кондицијата, дисциплината и спортскиот дух, децата спортуваа со Кокан Ајановски

Вчера, околу триесет деца, придружени од нивните родители, учествуваа на спортската дружба со македонскиот атлетичар Кокан Ајановски. На настанот, дел од проектот „На одмор сум, во Центар сум“, децата од Центар имаа шанса да учат за атлетиката како спортска дисциплина, да трчаат и да се забавуваат покрај Кејот на Вардар, извести општина Центар.
Родителите ја поздравија активноста што ја организираше Општина Центар, која ги поттикнува центарските деца да бидат активни и да го поминуваат летото на креативен и здрав начин. Атлетиката и трчањето, како основни спортови, не само што помагаат за физичката кондиција, туку ја развиваат и самодовербата, дисциплината и тимскиот дух, што е клучно за развојот на младите, велат од Општината.
„Со овие активности се обидуваме да понудиме нешто повеќе за нашите млади центарци. Спортот е најдобриот начин да растат активни и здрави, а ваквите настани се важен дел од нивниот развој. Се радувам што имавме одлично присуство и енергија. Ќе продолжиме да ги поддржуваме ваквите активности и во иднина. Благодарност до нашиот Кокан Ајановски и Паблишер за соработката, на дечињата им приредивме убава спортска дружба“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Проектот „На одмор сум, во Центар сум“ продолжува со нови активности овој месец со културни и рекреативни содржини за децата кои го поминуваат летото во Центар, во Скопје.
Македонија
Обезбедени 170 милиони денари субвенции за инвертер клими за ранливите категории, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажува и докажува вистинска грижа за сите категории на граѓани. Таа грижа посебно се истакнува кај граѓаните од ранливите категории. Секој македонски граѓанин заслужува еднаков третман од државата и покомотни и достоинствени услови за живеење“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, објавен е оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија.
Огласот предвидува субвенции за инвертер клима уреди за граѓани од ранливи категории кој ќе трае 60 дена и за таа цел од Владата се обезбедени 170 милиони денари.
Станува збор за клима уреди од класата А+ со инсталирана моќност од 3,5 киловати, кој ќе биде вграден директно во домот.
Нема веќе принцип „прв дојден-прв услужен“, клима уредите ќе се набавуваат преку јавна и транспарентна тендерска постапка и истите ќе се поделат според месечните приходи на домаќинствата, од најниски до највисоки се до исцрпување на средствата.
Тоа е гаранција дека уредите ќе ги добијат оние на кои им се најнеопходни и на овој начин ќе се придонесеме семејствата од ранливите категории да имаат поголем комфор во својот дом како во летото, така и во зимата.
А, од друга страна, со оваа мерка се интервенира и во делот на заштитата на животната средина и намалување на загадувањето, посебно во периодот на грејната сезона кога граѓаните ги затоплуваат своите домови.
Освен субвенциите за инвертер клими, за ранливите категории Владата обезбеди и финансиска поддршка за потрошена електрична енергија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.