Македонија
Стоилковски: Правда ја призна грешката и ги прифати нашите принципи за Законот за јавното обвинителство
Министерството за правда, вчера, по неколку дена, соопшти дека ги прифаќа трите принципи од ВМРО-ДПМНЕ што беа поставени како основа врз која ќе се разговара во креирањето на текстот на Законот за јавното обвинителство, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој оцени дека е добро што Mинистерството вчера признало оти ги прескокнало сите меѓународни документи што водат до современо, непартиско, отчетно и храбро Јавно обвинителство, кое би работело за заштита на граѓаните врз база на почитување на човековите права и дека укажувањата од ВМРО-ДПМНЕ се во таа насока.
„Со прифаќањето на трите принципи поставени од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Рената Тренеска-Дескоска признаа дека не се работи за злоупотреби од страна на опозицијата, туку, напротив, за нивна злоупотреба од позиција на моќ кон носење закон што не прилега на европска држава и закон врз кој би се градело обвинителство во служба на извршната власт. Овој закон мора да биде донесен со консензус со опозицијата и за него е невозможна трговија ниту, пак, откажување од кој било од трите наведени принципи“, рече Стоилковски.
Додаде дека е добро што Заев и Дескоска не бегаат и не игнорираат аргументирани предлози, кои ќе овозможат борба со коруптивните и криминогените дејства на власта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

