Македонија
(Видео) Стоилковски предаде докази: Очекуваме дека ЈО ќе почне со сериозност кон случајот „Диво месо“
Денеска, до Основното јавно обвинителство ги доставивме документите во врска со случајот „Диво месо“, канцер-мафија на Онкологија, онака како што најавивме, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Страшно е, вели тој, што и по три месеци наводна предистрага, нема оформен предмет во Основното јавно обвинителство и нема почнат процес за „Диво месо“, а мафијата сè уште функционира, работи на Онкологија, бидејќи никој таму не е опфатен со некаков процес со кој би бил отстранет од работа.
Според Стоилковски, јасно е дека зад ваквото однесување стои политичка одлука.
„СДС веднаш застана зад канцер-мафијата по објавувањето на документите доставени од укажувач во ВМРО-ДПМНЕ.
Сето тоа се гледа и од односот со и кон работата на комисијата во Собранието посветена на случајот „Диво месо“, канцер-мафија на Онкологија.
Денеска, до Основното јавно обвинителство предадовме документи доставени од укажувач, кои посочуваат:
Дека и покрај скапите договори сепак не била доставувана навремено терапијата за болните што се третирале на Клиниката, никој не ги предупредил оние што требаа да ја испорачаат и никој за тоа не одговарал, односно за работата на омилената фармацевтска куќа на власта.
Доставивме докази дека се создавале можеби фиктивни вишоци лекови и терапии, тие биле нарачувани, а пациентите сепак не ги добивале.
Докази дека никој не водел евиденција каде и како завршувал вишокот од секоја отворена вијала, пакување, со што постојат сомнежи дека вишокот завршувал надвор од болницата.
Дополнително, терапијата им била давана на пациенти во торбички за да се искористат во приватни установи, а била наплаќана услуга како да била аплицирана во Универзитетската клиника“, посочи Стоилковски.
Додаде дека очекуваме оти сепак кај Јавното обвинителство ќе проработи човечноста и спротивно на поддршката од власта за канцер-мафијата, ќе почнат со сериозност кон случајот „Диво месо“ на Онкологија.
Според Стоилковски, се работи за канцер-мафија, „диво месо“, што го уништува здравствениот систем на сметка на животите на пациентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Подрачјето на Велес ќе биде зафатено од поројни врнежи, грмежи и засилен ветер
ЦУК информира, според известувањето на УХМР, дека подрачјето на Велес ќе биде зафатено од пообилни поројни врнежи со грмежи и засилен ветер.
Правец на движење на оваа нестабилна маса се предвидув дека е кон исток и североисток, додаваат од ЦУК.
Македонија
Министерството за животна средина отстапи движни ствари на повеќе општини, за потребите на училиштата вклучени во ГЛОБЕ програмата
Владата, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, донесе одлука со којашто движни ствари во сопственост на министертството, се даваат на трајно на повеќе општини во државата, за потребите на повеќе основни училишта и тоа во Гевгелија, Неготино, Валандово, Битола, Прилеп, Тетово, Куманово, Пробиштип, Ранковце, Велес, како и на училишта во скопските општини: Центар и Карпош.
Целта е спроведување на ГЛОБЕ програмата во Република Северна Македонија, а Министерството за животна средина и просторно планирање, како што е посочено, е носител на активностите на ГЛОБЕ програмата и со владина одлука е задолжено да обезбеди хемикалии и инструменти за вршење на мерењата и да ги пренесе на користење на вклучените училишта во програмата.
Станува збор за движни ствари што ќе им бидат од полза на училиштата во спроведувањето на проектот, а коишто, по пат на јавна набавка ги обезбедило ресорното министерство.
Македонија
Одлука за учество на Армијата во НАТО операцијата „КФОР“ во Косово
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе Одлука за определување на бројот на кандидати кои се запишуваат на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“- Скопје, во студиската учебна 2024/2025 година, чие образование се финансира од Буџетот на Република Северна Македонија.
Со одлуката е определено, во студиската учебна 2024/2025 година да се запишат 44-ца студенти/питомци како редовни студенти, од кои 25-мина студенти/питомци за потребите на Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија; како и тројца студенти/питомци за потребите на Војската на Црна Гора; шестмина студенти/питомци за потребите на вооружените сили на Босна и Херцеговина; петмина студенти за потребите на управување со кризи и петмина студенти за потребите на заштита и спасување.
Согласно Законот за Воената академија, како што е образложено од ресорното министерство, на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави и странски државјани.
Владата, на предлог на Министерството за одбрана, донесе и Одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово.