Македонија
(Видео) Стоилковски: СДС и ДУИ дозволија партиски банди неказнето да заземат контролна кула на аеродром
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски оценува дека никогаш не било полошо.
Според него, партискиот правосуден систем повторно приредува театар на апсурдот пред партиските банди на власта.
„Четврти ден, неказнетиот упад и тепање во контролната кула од партиски банди е сликата за Македонија, во режија на ДУИ и неспособната СДС коишто се претставуваат како Европски фронт, за случај што во секоја нормална држава би бил затворен само за неколку часа.
Партиската војска на сила зазема контролна кула, со шамари и со тупаници напаѓа вработени на смена додека 40 авиони се над градот. Може само да замислиме реакција за справување во Њујорк, Берлин, Лондон, било каде во светот. Но, наместо тоа бандитските ДУИ и поданиците од СДС приредуваат сценарија коишто доведуваат до апсурди во безбедносниот и правосудниот систем:
-Четворица напаѓачи организирани од ДУИ ги нема- МВР не знае каде се;
-Оние од ДУИ однесени пред суд се пуштени без притвор од судија близок на ДУИ ;
-Обвинителство и судот си префрлаат топка; ОЈО барало притвор заради “Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај”, судот на ДУИ тврди немало докази;
-Тепаниот е приведен на граница, за него имало наредба да биде апсен;
-Едниот од напаѓачите веќе требало да е во затвор за друго дело, ама не е;
-Главниот напаѓач, функционер на ДУИ утре ќе оди на работа во контролната кула, кај тепаните и оние што со банда дошол да ги тепа пред само четири дена;
-Обезбедувањето миленик на ДУИ, соучесник во упадот, продолжува со работа, иако пуштиле неовластени лица, и оние што не се на смена во контролна кула за да тепаат, додека авиони кружат над Скопје“, посочи Стоилковски.
Ова, како што вели е реализација на лажниот Европски фронт, партиски банди делат тупаници, а нивни судии ги пуштаат.
Упадот и тепањето во М-НАВ е вистинскиот фронт на бандитското ДУИ и поданичкото СДС, коешто полека го затвораат како „кошкање меѓу колеги“.
„Ковачевски, Бочварски, Спасовски, Петровска, Грковска, без образ ќе молчат за уште некој ден да седат во фотелји и да обезбедуваат недопирливост за себе и за бандите.
Никогаш не било полошо. СДС и ДУИ дозволија партиски банди неказнето да заземат контролна кула на аеродром, по изборите ќе има целосна одговорност“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

