Македонија
(ВИДЕО) Столтенберг: Ако прифати Грција, Македонија ќе стане членка како БЈРМ
Премиерот Зоран Заев по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека бара членство во НАТО под референцата БЈРМ, обврзувајќи се дека додека трае ратификацијата на приемот, ќе продолжат преговорите за решавање на спорот со Грција.
Изразувајќи надеж дека Македонија ќе биде следна добра вест од регионот, по Црна Гора, Заев рече дека иако не е фер, владата е посветена на дијалогот и на градењето доверба со Грција за да го исполни дополнителниот услов што НАТО ни го наметна за прием во алијансата.
„Бев присутен во Букурешт кога ја донесовме одлуката“, го почна категорично Столтенберг објаснувањето дека од 2008 па последен пат лани во сите комуникеа на НАТО се повторува истата позиција – дека Македонија ќе биде примена во НАТО кога ќе го реши спорот за името со Грција. „Ова сè уште е наша позиција“, потврди тој.
На упорните прашања дали има некоја резервна „врата“ Македонија, сепак, да влезе под референцата, Столтенберг одговори:
„Она што јасно го кажуваме на секој самит е дека сакаме заеднички прифатливо решение за спорот. Не кажуваме какво, туку заеднички прифатливо за Грција и за поранешната југословенска Република Македонија. Јас не можам да ви диктирам или специфицирам какво да биде тоа“, рече Столтемберг порачувајќи дека ако Атина се согласи тоа име да биде БЈРМ, НАТО нема да има ништо против.
Заев од своја страна оцени дека сите овие години на блокиран процес нè научија дека стоењето во место предизвикува кризи и затоа ќе се обиде на сите можни начини да ја придвижи земјата кон алијансата.
„Ние се надеваме дека можеме да станеме членка со привременото име и да продолжиме со преговорите, како што се случи со Црна Гора, односно додека трае процесот на ратификација да најдеме решение за спорот“, нагласи Заев на прес-конференцијата.
Столтенберг, сепак, беше охрабрен од најавите од Заев дека ќе го интензивира дијалогот со Грција, давајќи им речиси исто значење потоа и на остварувањето на реформите, на владеењето на правото, на борбата против корупцијата и на мултиетничките услови, како очекувања за членство. Тој очекуваше да се изградат силни демократски институции и да се имплементираат бараните реформи.
Средбата со Столтенберг беше последна на агендата на Заев во Брисел во ваков висок политички формат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Обвинителството бара замена од затворски во куќен притвор за Артан Груби
Основното јавно обвинителство Скопје побара мерката притвор за поранешниот вицепремиер Артан Груби да биде заменета со куќен притвор. Ваквата одлука, Обвинителството ја донело врз основа на тоа дека се обезбедени голем број докази, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност.
„Основното јавно обвинителство Скопје по добивањето на известувањето дека второосомничениот во предметот за Државната лотарија каде е осомничен заедно со уште пет лица, доброволно се пријавил на органите на прогонот и изразил подготвеност да соработува со надлежните органи, ќе ја продолжи постапката за истиот со цел донесување на јавнообвинителска одлука“, соопштија од Обвинителството.
Од таму додаваат дека на барање на одбраната, Груби во текот на денешниот ден бил спроведен пред надлежниот обвинител каде вршел увид во списите на предметот, но поради обемноста на доказниот материјал увидот ќе продолжи наредните денови по што ќе му биде овозможено да ја даде својата одбрана.
„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нова услуга на ЈСП: Онлајн надополнување на картичката
ЈСП воведува нова услуга – онлајн надополнување на картичките за возење.
„Од сега можете онлајн да ја надополните вашата картичка со билети и/или износ (средства) директно преку нашата официјална веб страна skopjebus.mk — без чекање, без редици и без одење до продажно место. Сè што ви треба е телефон или компјутер и неколку минути. Надополнувањето се прави од далечина, брзо и кога вам ви одговара, од удобноста на вашиот дом“, велат од ЈСП.
Од таму додаваат дека со новата услуга се добива онлајн надополнување со билети и/или средства, брза постапка во неколку едноставни чекори, нема редици и нема потреба од физичко присуство, достапно од телефон или компјутер.
Како да надополните картичка?
* Влезете на skopjebus.mk
* Изберете „Надополни картичка“
* Внесете ги потребните податоци за
картичката
* Одберете дали сакате билети или износ
(средства)
* Потврдете и завршете ја постапката
Пробајте ја новата функционалност тука: https://skopjebus.mk/mk/app/cards/load
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.

