Македонија
Столтенберг и Северноатлантскиот совет со два авиона попладнево ќе слетаат во Скопје
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и Северноатлантскиот совет доцна попладнево се очекува да пристигнат на „Меѓународниот аеродром Скопје“ со два авиона. Прв ќе слета авионот на Столтенберг, во кој ќе бидат и шестмина члена на неговиот кабинет, а еден час подоцна, ќе слета и авионот со Северноатлантскиот совет, во кој ќе бидат 29 претставници на земјите членки на НАТО.
На аеродромот предвидено е да има свечен пречек, по што високите гости се упатат кон Собранието.
Столтенберг и претставниците од Северноатланскиот совет ќе престојуваат во земјава и утре, кога ќе бидат пречекани во Владата.
Ова е втора посета од ваков ранг на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Роми за Европа“ бара правда и системска акција по случајот со насилство врз 8-годишно дете во Македонија
Фондацијата „Роми за Европа“ со седиште во Брисел изрази длабока загриженост по објавено видео од Македонија на кое се гледаат возрасни луѓе кои мачат 8-годишно дете од ромската заедница и му се закануваат. Организацијата го оцени случајот како сериозно прекршување на човековите права и упати повик до институциите за целосна и независна истрага.
„Овој случај не се однесува само на страдањето на едно дете – тој покажува колку длабоко е дозволено расизмот против Ромите да пушта корени,“ изјави претседателот на фондацијата, Желјко Јовановиќ, нагласувајќи дека властите треба решително да дејствуваат за да обезбедат правда и да спречат повторување на вакви случаи.
Од фондацијата потсетуваат дека сторителите се ставени во куќен притвор, но додаваат дека потребна е поширока институционална реакција и системски мерки за превенција и санкционирање на дела од омраза.
Во соопштението се наведува дека според податоците на Агенцијата на Европската Унија за основни права (ФРА), 16 проценти од Ромите во Северна Македонија во изминатата година доживеале вознемирување поради нивното етничко потекло, а неколку пресуди на Европскиот суд за човекови права укажуваат на недоволно ефикасни истраги во случаи на насилство кон Ромите.
Фондацијата потсетува дека Северна Македонија со потпишувањето на Познањската декларација за вклучување на Ромите и Западен Балкан презела обврска за конкретни мерки во борбата против дискриминацијата и омразата.
„Само преку решителна и принципиелна акција може да се обнови довербата и да се покаже вистинската посветеност на Северна Македонија кон европските вредности,“ се наведува во соопштението на фондацијата, која е подготвена да им помогне на институциите во земјата во овој процес.
Македонија
Неработни денови во 2026 година
Согласно со Законот за празниците на Република Македонија (Сл.весник на РМ број 21/98 и 18/07) во 2026 година неработни денови се:
За сите граѓани на РСМ
• 1 јануари (четврток), Нова Година,
• 7 јануари (среда), Божик, првиот ден на Божик според православниот календар,
• 20 март (петок), Рамазан Бајрам, првиот ден на Рамазан Бајрам
• 13 април (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар,
• 1 мај (петок), Ден на трудот
• 24 мај (недела) „Св. Кирил и Методиј“- Ден на сесловенските просветители, односно 25 мај (понеделник) е неработен ден,
• 2 август (недела), Ден на Републиката, односно 3 март (понеделник) е неработен ден,
• 8 септември (вторник), Ден на независноста,
• 11 октомври (недела), Ден на народното востание, односно 12 октомври (понеделник) е неработен ден,
• 23 октомври (петок), Ден на македонската револуционерна борба,
• 8 декември (вторник), “Св. Климент Охридски”.
За граѓаните од православна вероисповед
• 6 јануари (вторник), Бадник, ден пред Божик,
• 19 јануари (понеделник), Богојавление (Водици),
• 10 април (петок), Велики Петок, петок пред Велигден,
• 29 мај (петок), Духовден, петок пред Духовден,
• 28 август (петок), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица).
За граѓаните од католичка вероисповед
• 6 aприл (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден,
• 1 ноември (недела), Празникот на сите светци,
• 25 декември (петок), првиот ден на Божик.
За граѓаните од муслиманска вероисповед
• 27 мај (среда), Курбан Бајрам, првиот ден на Курбан Бајрам
За граѓаните припадници на албанската заедница во РСМ
• 22 ноември (недела), Ден на албанската азбука
За граѓаните припадници на српската заедница во РСМ
• 27 јануари (вторник), Свети Сава
За граѓаните припадници на ромската заедница во РСМ
• 8 април (среда), Меѓународен ден на Ромите
За граѓаните припадници на влашката заедница во РСМ
• 23 мај (сабота), Национален ден на Власите
За граѓаните припадници на еврејската заедница во РСМ
• 21 септември (понеделник), Јом Кипур, првиот ден на Јом Кипур
За граѓаните припадници на бошњачката заедница во РСМ
• 28 септември (понеделник), Меѓународен ден на Бошњаците
За граѓаните припадници на турската заедница во РСМ
• 21 декември (понеделник), Ден на настава на турски јазик
фото: принтскрин
Македонија
Со емотивно видео семејствата на загинатите во „Пулс“ најавија нов протест в сабота во Скопје, следната недела почнува судењето
Здружението на граѓани „16-ти Март“ – кое го создадоа семејствата на жртвите во трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најави нов марш на ангелите што ќе се одржи в сабота во 12.05 часот на скопскиот плоштад.
„Од радост до тишина – нашите ангели што заминаа премногу рано. Ги испративме со песна, а судбината ни ги врати во болка. Ова видео е потсетник дека зад секоја трагедија стојат вистински животи, семејства и љубов. Да не дозволиме болката да биде заборавена – да бараме правда со достоинство и сила“, се вели во описот на видеото.
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.

