Македонија
Столтенберг се сретна со Џафери: „Честитки за храброста и визијата што доведе до членството во НАТО“
Во рамките на официјалната посета во Македонија, претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Јенс Столтенберг – генералниот секретар на НАТО.
На средбата присуствуваа и потпретседателите на Собранието, Горан Мисовски и Хусни Исмаили, амбасадорот на Република Северна Македонија во НАТО, Дане Талески, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на ДУИ, Арбер Адеми, на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Џафери, во име на пратениците на Собранието, му посака на генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, топло добредојде во законодавниот дом и му се заблагодари за негувањето на посветен однос кон секоја земја-сојузник во Алијансата, но и кон земјите аспиранти. Со оваа Балканска турнеја, тоа се докажа уште еднаш. Тој го информираше соговорникот за преземените и реализираните обврски на државата како НАТО сојузник во солидарната и воена помош кон Украина, за приклучувањето кон санкциите кон Русија, како и кон осудата на територијалните претензии и анексијата на Крим од страна на Русија. Нашето Собрание беше меѓу првите кое формираше Интерпартиска парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, преку чии активности даваме безрезервна поддршка и на меѓупарламентарен план.
Столтенберг се заблагодари на укажаната можност да сподели видувања за актуелните безбедносни предизвици, сега кога се очекува од сите НАТО сојузници цврсто да стојат рамо до рамо заедно во овој непредвидлив свет, за да се заштитат и одбранат од напади. Упати честитки до нашата земја за храброста и визијата што доведе до нејзино полноправно членство во НАТО, што овозможи не само безбедност за нејзините граѓани, туку и економска стабилност и раст на државата. Ја пофали Северна Македонија за солидарната помош за Украина, за обезбедувањето на 2% од БДП за одбраната, како и за придонесот кон НАТО мисиите, кој е високо вреднуван од страна на сите НАТО сојузници.
Соговорниците споделија очекувања дека Република Северна Македонија наскоро ќе стане земја-членка на ЕУ, покажувајќи спремност и визија сите политички фактори во земјата да придонесат во светлата иднина на граѓаните на оваа земја, на сегашните и идните генерации.
По средбата, Столтенберг се обрати пред пратениците во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Стратегијата 2025-2030 е национален патоказ, рамката која ја стабилизира државата, ја европеизира без да ја разредува, ја зајакнува без да ја изолира
Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот 18-ти Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мото ,,Визија што гради држава – За генерацијата што доаѓа 2030“, кој се одржува во општина Кавадарци во спортскиот комплекс ,,Јасмин“, во своето обраќање се осврна на Стратегијата Македонија 2030, која е и национален патоказ, и рамка која ќе ја стабилизира државата.
,,Денес, со усвојувањето на Стратегијата и Доктрината, создадовме нешто повеќе од политички документи, создадовме национален патоказ. Тоа е рамката што треба да ја стабилизира државата, да ја европеизира без да ја разредува, да ја зајакне без да ја изолираме, да ја направи конкурентна без да ја изгуби својата духовна вертикала. Ние не пишувавме програма, ние создадовме договор со иднината. А секој договор, вреди онолку колку што сме подготвени да го исполниме“, кажа Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека ова не е само обичен документ, туку и рамка што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала.
,,Вечерва, вие, делегатите, ја изгласавте Стратегијата 2025–2030, ја потврдивте Доктрината што ја подготвувавме со месеци, ја усвоивте платформата што треба да го дефинира животот на државата и развојот на партијата во следната деценија. Тоа не е обичен документ. Тоа е национален договор. Тоа е рамката што ја става Македонија во европската иднина без да ја загуби својата историска вертикала. Тоа е патоказ што гарантира стабилни институции, модерна економија, почитувана дипломатија и самосвесна држава“, истакна Мицкоски и укажа: „Јас ви ветувам, како што сум ветил и пред вас и пред народот, никој нема да го прекрши тој договор. Ниту јас. Ниту владата. Ниту кој било што ја носи одговорноста“.
Македонија
Мицкоски: На овој Конгрес не добив само реизбор, победи идејата, од поглавје на кризи, отвораме поглавје на зрелост
Денес на овој свечен момент за нашата партија на највисокото тело на партијата, Конгресот, донесовме документи кои се иднината на оваа партија. Документи кои треба да ја обноват вербата во политиката и да покажат дека со стратегија и план, резултатите се на дофат и иднината е гарантирана, рече Христијан Мицкоски во своето обраќање на XVIII Конгрес по реизборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека ова е вечер кога правиме историски исчекор, вечер кога партијата што ја создадоа генерации борци, создаваме заедно стратегија, доктрина и нова национална рамка, како и вечер кога таа визија ја добива поддршката што ја претвора во обврска за сите нас.
„Вечерва, на овој конгрес, не добив само реизбор како претседател на ВМРО ДПМНЕ, туку денеска, победи идејата. Победи патот што го трасираме за Македонија. Се потврди и недвосмислено зајакна решителноста да излеземе од кругот на стравот, поделбите, ниските амбиции и политичките навики што ја влечеа државата назад. Благодарам за овој ден. Благодарност и честитки за организацијата на овој настан и луѓето кои земаа учество. ВМРО-ДПМНЕ вечерва затвора едно поглавје на транзиции, кризи, напади, притисоци и неправди. И го отвора поглавјето на зрелост“, рече Мицкоски.
Заблагодарувајќи сè уште еднаш за довербата, Мицкоски потенцираше дека ова не е лесен товар, туку е товар што го прифаќа со мир, затоа што знае дека не го носи сам, затоа што знае дека позади него стои народот.
„Со мир затоа што знам дека зад мене стои народот и стоите сите вие, што во најтешките моменти не изгубивте ниту надеж, ниту достоинство. Во годините што поминаа, многу се зборуваше за тоа што треба да биде Македонија, а премалку за тоа што може да стане. Затоа што државите не ги уништуваат непријателите однадвор, ги уништува сомнежот и немањето амбицијата одвнатре. Македонија премногу долго беше научена да се гледа себе низ очите на другите, да се мери со туѓи очекувања, да чекори темпо кое друг го диктира“, посочи, меѓу другото, Мицкоски.
Македонија
На Клиниката за ортопедија успешно изведени две трансплантации на коска од починат донор кај педијатриски пациенти
Првата интервенција е извршена кај 14-годишно девојче со вродена аномалија на стапалата. Постигната е стабилна корекција и пациентката се врати на вообичаените активности, информира Министерството за здравство.
Операцијата ја предводеа науч. сор. д-р Ненад Атанасов и асс. д-р Милена Богојевска Доксевска, со тим составен од д-р Даница Поповска, д-р Армин Амедовски, д-р Ријад Ајро, анестезиолог д-р Лилјана Анѓелеска, анестетичарка Гордана Захариева, инструментарките Билјана Тројановиќ и Сузана Пејчиновска, радиолошкиот техничар Крешник Шеху и болничарката Ирена Галевска.
Втората трансплантација е направена кај 13-годишно момче со повторен деформитет на стапалото. Пациентот е испишан во добра состојба и го очекува рехабилитација. Тимот го предводеше проф. д-р Зоран Божиновски, со анестезиолог д-р Ивана Крстевска Трпковска и асистенти д-р Теодора Божиновска и Искра Шојлеска Јовановска.
Во интервенцијата учествуваа и средно-медицинскиот кадар: Злата Апостолоска, Кристина Реџеп, Ширете Муртезани, Крешник Шеху и Снежана Тодоровска.
Користењето кадаверични коскени трансплантати има огромно значење во детската ортопедија – се избегнува нова хируршка рана, болка и дополнителна деформација, а интервенциите се побезбедни и пократки.
„Донорството спасува и менува животи. Благодарение на семејствата кои даруваат и на тимовите кои посветено работат, денес имаме две млади лица кои добиваат шанса за подобар и побезболен живот,“ вели националниот координатор за трансплантација, Билјана Кузмановска.
Министерството за здравство изрази искрена благодарност до двата медицински тима и до семејствата на донорите за нивната хуманост.

