Македонија
Стоматолошките ординации почнуваат со работа
По 44 дена, односно по еден и пол месец пауза, почнуваат со работа сите стоматолошки ординации. Ова следува по препорака на Комисијата за заразни болести. На веб-страницата од Стоматолошката комора е објавен дописот од ФЗО, со кој се наложува и почитување на протоколите и упатствата за работа.
„По препорака на Комисијата за заразни болести, од 13.5.2020 година сите стоматолошки ординации во Република Северна Македонија почнуваат со работа. Со тоа стоматолошките услуги на осигурените лица ќе ги даваат избраните лекари стоматолози и лекарите специјалисти од дејностите орална хирургија, ортодонција и протетика. Притоа сите стоматолошки здравствени установи, кои се во мрежата, се ставаат во рестриктивен режим на работење, со што се должни да се придржуваат кон протоколите и упатствата за работа во услови на сè уште постојна закана од инфекција со Ковид-19, а изготвени од страна на Стоматолошката комора на Северна Македонија“, се наведува во известувањето од ФЗО.
Во протоколите, пак, пишува дека на влезот од ординацијата мора да има крпа со дезинфициенс за обувките, а во чекалницата дезинфициенс за рацете. Пациентите што ќе одат на забар, ќе требаат да ги остават сите предмети што не може да се дезинфицираат во чекалницата, каде што ќе може да чекаат максимум две лица. Задолжително е и носењето заштитна опрема при влегувањето во ординацијата кога ќе му се мери и температурата на пациентот со бесконтактен топломер.
Дополнително, пациентот ќе мора да одговара и на епидемиолошкиот прашалник што ќе го поставува стоматологот по што ќе се одлучи дали ќе може да му се направи интервенција. Стоматолошките термини ќе треба да се закажуваат преку телефонски повик.
Од 30 март до сега работеа само 21 стоматолошка служба во целата држава, од кои, три беа во Скопје, лоцирани во Аеродром, Чаир и Ѓорче Петров.
Во текот на овој период граѓаните со забоболки и отоци се жалеа дека не може да направат интервенција на забите бидејќи се затворени приватните стоматолошки ординации каде што се лекувале. Некои од нив тврдеа дека услуга не можеа да ја добијат ниту во јавните ординации со образложение од вработените дека не ги вклучуваат инструментите за работа, односно не пломбираат, не лекуваат заби, туку даваат само инјекции за смирување болка доколку пациентот ја има. За ваквите случаи, вонреден инспекциски надзор правеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

