Македонија
Стојаноска: На пратеникот Ристески претходно му ја запалија викендичката, виновниците не беа најдени

На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, чијшто автомобил синоќа беше запален од непознат сторител, претходно му ја опожариле викендичката. Виновниците за викендичката никогаш не се пронајдоа, изјави пратеничката Дафина Стојановска.
Говорејќи за случајот со куќата, Стојановска рече дека истиот експресно, за само 6 недели бил затворен и заведен како „несреќен случај“ иако во објектот подолг период немало електрично напојување.
Стојановска потсети и на опожареното возило на еден опозициски пратеник од Струга, како и опожарениот семеен дуќан на уште еден опозициски пратеник од Скопје.
Заклучи дека Македонија станала дувло на криминалци и заложник на мафијашите и подземјето контролирани од Оливер Спасовски и СДСМ.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ бара веднаш отворање истрага за опожарениот автомобил и брза реакција за пронаоѓање на виновниците бидејќи, како што рече Стојановска, токму МВР, Спасовски и СДСМ многу добро ги знаат извршителите на овој кукавички чин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поништена јавната набавка за 120 електрични eко автобуси

Министерството за транспорт ја поништи јавната набавка за избор на понудувач за набавка на 120 електрични еколошки автобуси за јавен превоз и станици за полнење.
Оттука информираа дека на јавниот повик кој беше објавен 17 јуни со краен рок за достување на понудите 24 јули 2025 година, само една компанија доставила понуда.
„По извршената евалуација, Комисијата надлежна за спроведување на јавната набаака, утврди дека компанијата не ги исполнува критериумите согласно објавениот јавен повик“, се наведува.
Министерството за транспорт во следниот период ќе направи дополнителни анализи околу набавката на електрични еколошки автобуси и ќе ја информира јавноста.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го оцени како ефикасно справувањето со пожарите во Македонија, во споредба со земјите од регионот

ВМРО-ДПМНЕ оценува дека институциите под водство на оваа Влада успешно реагираат на пожарите кои ги зафатија повеќе подрачја во Македонија, посочувајќи дека нашата држава покажува ефикасно справување.
Вчера во Македонија беа регистрирани 20 пожари на отворен простор, од кои десет се активни, пет се ставени под контрола, а пет се целосно изгаснати. За разлика од останатите држави во регионот, заклучува партијата, кај нас нема евакуирани и раселени лица, ниту човечки жртви, а причинетата штета е ограничена само на шумски површини.
„Ова не е резултат на среќа, туку на брза, организирана и професионална интервенција на сите надлежни служби“ се наведува во соопштението на партијата.
Во Турција, над 3.500 граѓани се евакуирани, а загинаа 17 лица, од кои дури 13 пожарникари. Огнот зафати и градски области, предизвикувајќи уништување на куќи и инфраструктура.
Во Албанија, каде што активни се 45 пожари, евакуирани се над 2.000 луѓе, изгореа над 20 куќи, а целосно се испразнети села. Огнените стихии во Грција зафатија станбени квартови и предизвикаа огромни штети, додека илјадници граѓани беа евакуирани. Апокалиптични сцени има и во Бугарија, каде што се регистрирани над 240 активни пожари и е причинета значителна материјална штета.
Македонија
Променливо облачно време повремено со пороен дожд и грмежи

Времето денес ќе биде променливо облачно и посвежо, претпладне со повремено пороен локален дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува слаб до умерен западен, а долж Повардарието северен ветер, кој попладне наместа ќе засилува. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во претпладневните часови со повремен пороен дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, попладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер.
Максималната температура ќе достигне до 33 степени.