Македонија
Стојаноска: Не дозволувајте да ве платат или заплашат, време е за победа над мафијата
„Подолго време наназад, уште пред почетокот на кампањата, се чувствува огромна позитивна енергија која на 24 април се излеа на гласачките места. И вечерва тука, ја чувствувам истата, многу посилно. Можам да кажам дека, заедно со вас, правиме револуција со пенкало. Оваа енергија нека го достигне својот врв на 8 мај. Мора да почнеме поинаку да функционираме и да не молчиме пред неправдите. Мора да се обелоденуваат сите криминали и скандали. Мора да бидеме гласни, за да не станеме невидливи. Криминалот е тој кој треба да биде замолчен. Доста е! Стигнавме до се’ поизвесната победа. Победа врз најкриминалната власт досега. Им благодарам на сите кои ни се приклучија, ни се приклучуваат и допрва ќе ни се придружат. Не смее да дозволиме малцинство од криминалци да владее со мнозинството. Мафијата стана синоним за ДУИ и за СДСМ. Мафијата царува, додека народот пати“, кажа носителот на листата за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ6, Дафина Стојаноска и додаде:
„Време е да ставиме крај на ова! Не дозволувајте да ве платат или заплашат. Ако ви нудат пари – тоа се ваши пари. Ако ви нудат многу пари – и тоа се ваши пари. Ако ви се закануваат – знајте дека после 8 мај ќе бидете заштитени од новата Влада која ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ. Затоа велам: сега или никогаш! Време е за победа над мафијата. Не им се плашете – казнете ги. Не бојкотирајте – реагирајте! Излезете масовно на гласање и да не дозволиме сценарија за некаква си политичка или финансиска криза. ДУИ и СДСМ најдобро „пливаат“ во време на кризи, додека народот го оставаат да се прпелка на суво. Не’ опљачкаа, не’ понижија и не’ изрезилија насекаде. Поставуваат замки кои, после поразот, треба да ги угушат промените кои народот со душа ги очекува“.
Стојаноска повика мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да и го зададат последниот удар на оваа власт.
„Да го казниме Али! Да го казниме Артан Груби! Таче од поодамна е веќе небитен. Мултиетнички Гостивар да се обедини околу ВМРО-ДПМНЕ и така сплотени да и’ го зададеме последниот удар на оваа криминална власт. Прво, ајде сите заедно да гласаме за професорката Гордана Силјановска Давкова, најумната и најдостојната Македонка во моментов, и да бидеме горди со нејзините и нашите успеси, а не – „како до сега“ – со поразителниот лик на Водно кој го изгуби тлото под нозете, кој не’ нарекуваше стока, кој го направи Гоце Бугарин и кој помилува криминалци кои ги трујат нашите деца со дрога“, рече Стојаноска и додаде:
„За парламентарните избори, јавно ве повикувам да гласате за бројот 2, за Миле, Дејан, Анета, Ердоган и за мене. Ние сме тие кои стоиме пред вас денес и ви ветуваме дека бројот 2 е за двојна победа над двојното криминално дуо. Бројот 2 е за 4 гласни и борбени пратеници. Пратеници кои никогаш нема да ве изневерат. Излезете на 8 мај и гласајте. Излезете и не го губете гласот за листите кои немаат доволно гласови за пратеник. Изгубените гласови во 6-та изборна единица помагаат исклучиво за пратеник повеќе од ДУИ. Да го испратиме Али во пензија. Доста му беше! Доста му беше уценување и заканување. Али, Груби, Заев и Таче веќе не смеат да ни се повторат. Вие, народот, ја имате историската улога и одлука овој пат. Ние и никој друг! Сега или никогаш“.
Стојаноска го повика народот за поддршка на Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Гласајте за професорката Силјановска Давкова и за листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“. Само овие луѓе носат промени. Само овие луѓе можат да ја направат Македонија твоја и горда. Бидете учесници во историската победа над криминалот и корупцијата, и да си ја вратиме Македонија во рацете на луѓето. Да бидеме пример и надеж за младите. Да бидеме храбри и одлучни, какви што се тие, и да им ја обезбедиме иднината тука – во Македонија, ослободена од канџите на мафијашите од ДУИ и СДСМ. Нивниот крај е наш заеднички почеток. Почеток за горда Македонија. Почеток за твоја Македонија. Промените се во твои раце. Број 2 – за двоен пораз над криминалот. Број 2 – за двојна победа на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата „Твоја Македонија“ и Гордана Силјановска Давкова“, кажа Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

