Македонија
Стојаноска: Покачување плата во услови кога инфлацијата кај храната е 30 отсто е неопходност, а не расипништво
„Продолжува расправата по амандманите на Комисијата за финансирање и буџет, а СДСМ и понатаму ги одбива предлозите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои се на барање на граѓаните“ изјави Дафина Стојаноска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа посочи дека „во текот на изминатите денови се закануваат дека ќе го поништат изгласаниот амандман со кој на вработените во јавната администрација е предвидено да им се зголемат платите за 15%. Амандманот поднесен на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија треба да се потврди и од Законодавно-правната комисија. Се надеваме дека ќе преовлада разумот кај колегите и ќе сфатат дека покачувањето на плата во услови кога инфлацијата кај храната е 30% е неопходност, а не расипништво“.
„Денес пратениците ќе го разгледуваат амандманот што се однесува на викенди без ДДВ. Ова е еден од 10-те предлози кои ги усвои Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и кои е неопходно да бидат вклучени во буџетот за 2023 година. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се предвидува секој викенд додека во Македонија има прогласено кризна состојба во енергетскиот сектор, а тоа е до 30 април 2023-та година, да има викенд без ДДВ за прехранбени производи. На овој начин граѓаните ќе можат да купуваат основни прехранбени производи, а потоа парите за платениот ДДВ да ги добијат назад на своите трансакциски сметки“, рече Стојаноска.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелираат „колегите од мнозинството сериозно да размислат за предложениот амандман за којшто ќе расправаме денес. За државниот буџет овие средства се незначителни, а за граѓаните и тоа како битни“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема скандал, ниту криминал, а во тоа да не се вмешани Заев и Филипче
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека постои поврзаност меѓу Венко Филипче и сопственикот на компанијата „ЦБД Медплант“, Тони Котев, во врска со случајот со запленета дрога.
Од партијата велат дека во јавноста се појавиле фотографии на кои двајцата се заедно, што, според нив, ги демантира изјавите на Филипче дека не ги познава лицата поврзани со фирмата.
„Откако со денови СДСМ се обидува да ја релативизира аферата со запленетата дрога, вистината излезе на виделина. Филипче тврдеше дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на фирмата, но фотографиите покажуваат поинаку“, се наведува во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, како што велат, владејачката партија реагира на случајот со запленети над 30 тони дрога и дали постои поврзаност со поранешни функционери.
Од партијата повикуваат Јавното обвинителство да ја испита можната поврзаност на Филипче со случајот.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка
Најстудено утрово е во Берово -4 степени, на Попова Шапка се измерени -2, додека во Крива Паланка, Претор, Битола, Струмица, Mаврови Анови се измерени 0 Целзиусови степени. Над нулата е во Тетово, Прилеп, Штип, Kрушево каде се измерени еден степен, Скопје-Петровец, Велес, Демир Капија, Виница по два, Скопје-Зајчев Рид, Охрид, Кавадарци по 3 и Гевгелија пет Целзиусови степени, информира УХМР.
Најмногу снег има на Попова Шапка, каде висината на снежната покрива изнесува 62 сантиметри.
За изминатите 24 часа до 07 часот во најмногу врнежи имало во Охрид и Претор каде се измерени 2 l/m2.
Времето денеска ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Врнежите ќе бидат пообилни во северозападните делови (локално над 25 l/m²). Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 14 степени.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.

