Македонија
Стојаноска: Џафери се изживува со пратениците, недолично довикува и го злоупотребува микрофонот
Пратеничката Дафина Стојаноска на денешната седница на Собранието за интерпелација на спикерот Талат Џафер говореше за неговото раководење и рече дека ако се спореди, тоа е една чаша која постојано е преполна, прави секојдневни грешки и со секој ден ѝ докажува на македонската и на светската јавност колку може да биде пробиено дното.
„Немоќта да се усвои дневен ред во цели два дена ги извади на виделина целата неспособност и кршењето на Деловникот или докажувањето дека панично се направиле катастрофални и почетнички грешки од страна на еден долгогодишен пратеник, а за некого и најуспешен претседател досега. Така, кон крајот на првиот ден од нашата активна блокада и првиот ден од почнувањето на новата 71. седница. сакајќи да нè изигра, спикерот се повика на еден член од Деловникот, кој се однесува на расправа за закони и амандмани и други акти под надлежност на Собранието и кој вели дека ваква расправа може да се заклучи, а за гласање може да се определи ден и час кога Собранието би се изјаснило. Џафери сакаше да прескокне гласање по предлог за измена на дневен ред повикувајќи се на овој член. Ова беше премногу почетничка грешка за еден толку искусен и успешен претседател бидејќи, нели, немаше како да се премине на следен предлог за измена на дневен ред ако претходно немаше произнесување. Бидејќи не се работеше за усвоен дневен ред и за почната седница со работа, туку бевме на усвојување дневен ред. Тој самиот се збуни во сопствените маневри и беше принуден тука и веднаш да го прекине првиот ден, кој заврши без усвоен дневен ред“, додаде Стојаноска.
Таа рече дека целиот ден Џафери се изживувал врз пратениците на опозцијата довикувајќи недолични работи и злоупотребувајќи го неговиот вклучен микрофон за да се обраќа како на излет во планина, а не како претседател кон колешки и во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

