Македонија
„Структурите на СДС, меѓу кои и Жерновски, во служба на бугарската агенда ги рушат македонските позиции и го подриваат идентитетот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Жерновски се приклучи кон политиките што го поткопуваат угледот и позициите на Македонија. Жерновски се стави во служба на странски наративи на штета на македонскиот идентитет и македонските интереси. Жерновски со структури од СДС продолжува со сервилноста во корист на странски агенди, а на штета и удар на македонскиот идентитет и позиции“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Жерновски, по сите неуспешни обиди во политиката, од градоначалнички избори до дипломатски активности се стави на располагање заедно со Филипче да бидат најголемите поборници на бугарските агенции и бугарските интереси во државата.
Жерновски повторно зборува во полза на бугарскиот наратив за Македонија. Со оглед на неговото семејно потекло и фактот дека неговиот дедо бил бугарски кмет тоа воопшто не му претставува проблем.
Сервилноста на Жерновски, Филипче и СДС ја доведе Македонија во понижувачка позиција каде Бугарија отворено ја негира македонската нација, македонскиот јазик и идентитет.
ВМРО-ДПМНЕ нема да молчи кога структури на СДС се обидуваат да ја извртат историјата и да ги рушат позициите на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на заштита на националните интереси и достоинството на македонскиот народ“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време со температури до 34 степени, попладне краткотраен дожд

Синоптичарите за денеска најавуваат сончево и топло време со слаб до умерен ветер од северен правец. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 16, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, слично време со мала до умерена облачност попладне. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Топлото време ќе се задржи и следните денови. Во понеделник во попладневните часови во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи и ќе дува слаб до умерен северен ветер, којшто веќе од вторник ќе го промени правецот во јужен. Од четврток веќе се очекува извесно зголемување на облачноста.
Македонија
Чизмите им останале заглавени во стопен шеќер, повредени неколку пожарникари, пожарот во „Винчини“ под контрола

Неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата додека го гаснеле големиот пожар во фабриката „Винчини“. Тие се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните, а во обид да се одглават, нивните чизми останале заглавени и згазнале во стопената смеса. Пожарот е ставен под целосна контрола.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека огнените јазици зафатиле три производни линии означени како 6, 7 и 8, од кои два магацини.
„Сите три погони имаа сончеви панели на покривот и се целосно опожарени. Благодарение на навремената интервенција на пожарникарите, спасени се линиите од 1 до 5. Во гаснењето учествуваа екипи од Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес. Пожарот е ставен под целосна контрола и нема опасност од негово ширење“, изјави Ангелов.
Според информациите, спасени се и дел од магацините со готови производи и суровини, со што спречена е поголема материјална штета.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) првично информираа дека пожарот во фабриката позната под брендот „Винчини“, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Пожарот, како што информират оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
На нив на помош веднаш им дојдоа колеги од кочанската противпожарна единица и од Доброволното протипожарно друштво (ДПД) Кочани, а беа издадени насоки до градоначалникот на Виница да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
Македонија
Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.
Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.
Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.
„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.
Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.
Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.
Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.