Македонија
Струмица – нудел ваучери за гориво за глас за определена политичка партија
До 13 часот во основните јавни обвинителства и преку електронската адреса [email protected], пристигнати се неколку известувања за евентуални изборни нерегуларности.
„Во Основното јавно обвинителство Струмица е доставено известување за лице кое на бензиска станица во село Василево нудел ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија. Обвинителството издаде наредби за обезбедување видеокамери, видеозаписи и преземање дејствија во насока на утврдување на фактите“, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Во струмичкото обвинителство примени се известувања за уште два настани, случени вчеравечер.
Едниот во с. Добрадинци каде околу 21:00 часот лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија. Вториот настан се случил во с. Дражево, каде околу 21:50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи вршело агитација со закани за да се гласа за определена политичка партија.
Во Основното јавно обвинитлство Кочани се преземаат дејствија за расчистување на вкупно шест настани пријавени до овој момент. Се однесуваат на наводен изборен поткуп и за агитирање со организирано носење гласачи до избирачките места. Се преземаат дејствија за расчистување на настаните.
Во Основното јавно обвинителство Скопје добиено е известување за настан во избирачко место во ОУ „Петар Поп Арсов“. На лице со истечена лична карта не му било дозволено да гласа, по што тој започнал вербална расправија и со мобилен телефон ги снимил членовите на избирачкиот одбор. Јавен обвинител презеде дејствија за расчистување на настанот.
На електронската адреса на која граѓаните можат да пријават сомненија за изборни нерегуларности денеска се пристигнати вкупно пет известувања. Преставници на една политичка партија испратија четири известувања за наводен поткуп на гласачи кои се вршеле во избирачки места во Кочани. Известувањата се итно проследени во надлежното Основно јавно обвинителство Кочани и по нив се постапува.
Основач на граѓанска организација испрати известување за наводни изборни нерегуларности кои се вршеле преку агитирање на социјалните мрежи. Известувањата се проследени и се предмет на постапување во надлежните обвинителства.
По сите известувања се постапува итно и со приоритет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со утринска магла и температури над просекот
Денешниот ден носи претежно сончево и стабилно време во целата земја. Утрото на повеќе места почна со појава на магла и зголемена облачност, особено во котлините, но во текот на денот се очекува разведрување. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Утринските температури се ниски и се движат од минус 4 до 3 степени, додека дневните ќе пораснат и ќе достигнат од 10 до 15 степени.
Во Скопје, делови од котлината утрово се зафатени со магла, но во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко, со мала до умерена облачност. Минималната температура се очекува да се спушти до минус 2, а максималната да достигне околу 11 степени.
Стабилното и сончево време ќе продолжи и во текот на следната седмица. И понатаму, во ноќните и утринските часови, по одделни котлини и речни долини ќе се задржува магла, додека дневните температури ќе останат над просекот за овој период од годината.
Македонија
Ахмети од протестот на плоштадот „Скендербег“: Процесот во Хаг треба да заврши со ослободителна пресуда
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска се обрати на протестот што се одржа на плоштадот „Скендербег“ во Скопје, организиран во знак на поддршка за поранешните команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди во Хаг за воени злосторства.
Ахмети порача дека судскиот процес треба да заврши со ослободителна пресуда, оценувајќи дека обвинетите се соочуваат со обвинувања за дела кои, како што рече, не ги сториле.
Тој нагласи дека ОВК не била насочена против ниту еден народ, туку дека се борела за слободата на албанскиот народ.
„Време е нашите синови да се вратат дома. Нашите синови се невини, нашата борба е чиста. Војната на ОВК е света и затоа сите ние, големи и мали, мажи и жени, сме ОВК“, рече Ахмети .
Лидерот на ДУИ оцени дека, по Тирана и Приштина, и Скопје го покажало својот став со поддршката за, како што наведе, слобода и правда за поранешните припадници на ОВК.
Меѓу обвинетите во Хаг се поранешниот косовски премиер Хашим Тачи и поранешниот косовски претседател Јакуп Красниќи.
Македонија
Затворен сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 11:00 часот граничниот премин Евзони (ГП Богородица) е затворен за сообраќај, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

