Македонија
Студено утро со појава на магла или ниска облачност по одделни котлини, преку денот сончево
Наутро ќе биде студено со појава на магла или ниска облачност по одделни котлини. Преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.
Во Скопје наутро студено со услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Во вторник времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури и со услови за појава на магла или ниска облачност по одделни котлини. Потоа во следните денови под влијание на серија од влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно и ветровито со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, кои на планините повремено ќе преминуваат во снег. Од среда до петок ќе дува засилен југоисточен и западен, а во сабота засилен северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од прв премиер Албанец до целосно уназадување за неколку месеци, велат од ДУИ
„Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) е длабоко загрижена за развојот на настаните што ги поткопуваат принципите на еднаквост, соживот и интеграција во Република Северна Македонија. Денес, за жал, се соочуваме со систематски обиди да се врати назад деценискиот напредок, да се преврти историјата наспроти вредностите на правдата и инклузивноста кои ја изградија оваа држава“, соопшти ДУИ.
„Од нула учество во јавната и државната администрација, Албанците успеаја да создадат историја со изборот на првиот премиер Албанец во Северна Македонија.
Ова не беше само триумф за Албанците, туку и победа за идејата за еднаквост меѓу народите и дека секој граѓанин, без разлика на етничката припадност, заслужува еднакви можности.
Денес, овие достигнувања се во опасност од уништување.
Систематското отстранување на Албанците од клучни позиции и нивното заменување со пониски улоги претставува намерен чин на маргинализација што ги нарушува принципите на еднаквост и меритократија.
Албанските претприемачи се соочуваат со неправедни пречки кои го спречуваат економскиот развој и создаваат бариери за учество во растот на земјата.
Најавата за ревидирање на Законот за јазици претставува директен напад врз Охридскиот договор, договор што ги постави темелите за мир и меѓуетничка хармонија во нашето општество.
Албанците се соочуваат со понижувачки третман преку враќањето на југословенскиот концепт на негирање на етничката идентификација, по одлуката на Уставниот суд.
Во исто време, инцидентите на етничка основа, поттикнати од омраза и предрасуди, ја враќаат земјата назад во време на омраза, наместо да го промовираат дијалогот и разбирањето.
Демократската унија за интеграција нема да остане тивка пред овие случувања.
Ги повикуваме сите граѓани на Северна Македонија, без разлика на етничката припадност, да се обединат против обидите за деградација на вредностите на еднаквост, толеранција и хармонија.
ДУИ повторно ја потврдува својата посветеност да ги искористи сите демократски, законски и меѓународни механизми за да ги заштити правата стекнати со многу жртви, за да ги заштити постигнувањата на Охридскиот договор и да гарантира дека Северна Македонија ќе продолжи да биде модел на успешен мултиетнички соживот.
Нашата земја не смее да дозволи враќање во ера на поделби, дискриминација и конфликти. Демократската унија за интеграција ги повикува сите политички фактори, меѓународни партнери и граѓанското општество, да преземат итни мерки за заштита на заедничката иднина и предвидливост на Северна Македонија.
Еднаквоста не е привилегија – таа е право. ДУИ ќе остане непоколеблива во заштитата на ова право денес и утре, како силна гаранција за посветла иднина“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Власта не ги сака домашните компании, во Буџетот 2025 им ги скрати парите, велат од СДСМ
„Власта на Христијан Мицкоски во предложениот Буџет за 2025 година, ги намали парите за поддршка на домашните компании од 340 на само 220 милиони денари. Истовремено парите за поддршка на странски компании се зголемени“, соопшти СДСМ.
„Оваа политика на запоставување на домашните компании и фаворизирање на странските ги става македонските работници во подредена позиција, води кон економска нееднаквост и ниски плати.
За компаниите кои вработуваат 80% од сите вработени во државата Власта на Мицкоски предвидува помалку пари, а оние кои го носат профитот надвор повеќе.
Ова не е фер пристап кон домашните компании и кон работниците во овие компании.
ДПМНЕ ја враќа земјата на старата неефикасна и несоодветна политика која ги игнорира домашните компании и ги става странските во предност.
Поддршката на домашните компании кои го носат развојот на нашата држава е еден од клучните аспекти. Нашата економија може да напредува само ако ги ставиме интересите на домашните компании и работници на прво место“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
Студентскиот стандард ќе се зголемува со повеќе од 30 милиони евра, се реконструираат студентските домови, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го зголемува студентскиот стандард со повеќе од 30 милиони евра, односно се зголемува за 18% повеќе од лани. За енергетски ефикасна рехабилитација се издвоени шест милиони евра. Се работи на реконструкција на студентските домови, за кои се очекува да бидат ставени во функција следната година“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Во однос на ученичкиот стандард, Владата предвидува зголемување од 12% споредбено со минатиот буџет. Предлог Буџетот за 2025 година на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е развоен во делот на млади и образование. Насочен е да се подобрат условите за учење, студирање и живот на младите. За оваа цел, се предвидуваат три милијарди денари повеќе во Буџетот за образование.
Образовните работници ќе добијат покачување на платите во март од 7%. Платите ќе продолжат да растат и во следните години од мандатот, ќе се зголемат за 46%.
Во однос на 2024 година, капиталните инвестиции ќе се зголемат за 115 милиони денари. Средствата ќе бидат насочени за изградба и обнова на училишта, обезбедување на подобри услови за нашите ученици и модернизација на образовната инфраструктура.
Врвен приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ се младите и образованието, а тоа ќе се зголемува секоја година“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.