Македонија
Студентите избраа свои претставници во рамки на факултетите
По повеќе од 3 години, УКИМ распиша и спроведе избори за студентски претставници преку кои гласот на студентите ќе биде слушнат во рамките на факултетите и универзитетот. Младински образовен форум во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики, спроведе мониторинг на студентските избори на УКИМ.
Тим од 25 набљудувачи помина обука за набљудување и беше присутен на избирачките места во периодот од 15-ти ноември до 20-ти декември. Секој од факултетите имаше изборна комисија составена од најмалку 2 професори и 2 студенти.
Генерално, студентските избори, како што велат, поминале без посериозно нарушување на изборниот процес, со исклучок на недостаток на изборен материјал на неколку од гласачките места (недоволно гласачки ливчиња, импровизирани паравани и нетранспарентност на гласачките кутии). На 2 факултети се прегласуваше: Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер и Филозофскиот факултет.
Од јавно достапните информации и спроведеното теренско набљудување на студентските избори, вкупно 25 444 студенти имаа право на глас на овие студентски избори. Како што додаваат, не сите факултети објавиле податоци за излезноста на студентите, па од достапните информации на 11 факултети, на кои студираат 59% од студентите со право на глас, излезноста е 14.09%. Оваа релативно ниска излезност, според наведеното, се должи на незапознаеноста на студентите со изборниот процес, недостаток од мотивација да се вклучат во студентските тела и кусите рокови за поднесување на кандидатури на студентите и пречистување на избирачкиот список.
Иако Универзитетското собрание сè уште не е формирано поради развлекувањето на изборите на 23-те факултети во рамки на УКИМ, факултетските собранија бројат 390 студентски претставници кои во наредната година ќе се трудат да ги застапуваат интересите на студентите.
Препораките на МОФ за подобрување на следните избори се во насока на одржување на изборите на сите факултети во пократок период со цел навремено започнување со работа на универзитетското и факултетските собранија, обезбедување на подолг временски период за поднесување на кандидатури од заинтересираните студенти, но и точно, навремено и детално објавување на резултатите од спроведените избори. Потребна е поголема логистичка поддршка од УКИМ на гласачките места на факултетите и ставање на студентското организирање на листата на приоритети на факултетите со што ќе се поттикне поголема вклученост и поголема излезност на студентските избори“ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бислимоски го информирал Собранието за оставката, РКЕ му се заблагодарува за долгогодишната соработка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го известил Собранието дека поднесува оставка од функцијата, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Согласно Законот за енергетика и Статутот на Комисијата, тој ќе ја извршува функцијата сè додека не биде донесена одлука за престанок на мандатот.
Од РКЕ информираат дека институцијата ќе продолжи да ги извршува своите надлежности согласно законските обврски. Од Комисијата, вработените и членовите му се заблагодаруваат на Бислимоски за долгогодишната соработка.
Марко Бислимоски го извршуваше својот втор петгодишен мандат како претседател на РКЕ. Првиот мандат му беше од јуни 2018 до јуни 2023 година, а во јули 2023 година повторно беше избран на функцијата.
Македонија
Скопскиот и Полошкиот регион со најмногу одобренија за градење во последниот период – доминира високоградбата
Бројот на одобренијата за градење во декември 2025 година е намален за 17.4 отсто во однос на истиот период од претходната година, соошти Државниот завод за статистика.
Во декември 2025 година се издадени 237 одобренија за градење, што е за 17.4 проценти помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 3 988 378 илјади денари, што е за 19.5 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 140 (59.1 %) се наменети за објекти од високоградба, 42 (17.7 %) за објекти од нискоградба и 55 (23.2 %) за објекти за реконструкција.
Од вкупно 237 објекти, на 132 (55.7 %) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 105 (44.3 %) објекти инвеститори се деловни субјекти.
Во извештајниот период е предвидена изградба на 411 станови со вкупна корисна површина од 38 300 м2.
Во Скопскиот и Полошкиот Регион се издадени најмногу одобренија за градење, 51.
Македонија
Декември со околу 60.000 туристи: најмногу пристигнале од Турција, Бугарија и Србија
Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември минатата година, во Македонија престојувале 59.521 туристи, кои оствариле вкупно 112.001 ноќевање.
Од вкупниот број туристи, 63,3 се странски, а 36,7 проценти домашни. Кај ноќевањата, странските туристи учествувале со 57,6, а домашните со 42,4 отсто.
Во периодот јануари – декември 2025 година, вкупниот број на туристи е зголемен за 6,0% во однос на истиот период лани. Детално по сегменти: Домашни туристи: намалување за 2,2%, Странски туристи: зголемување за 10,3%.
Кај вкупниот број на ноќевања е забележан раст од 0,8%, при што: Ноќевањата на домашни туристи се намалени за 4,1%. Ноќевањата на странски туристи се зголемени за 6,4%
Најмногу туристи пристигнале од Турција: 7.303, Бугарија: 5.214, Србија: 4.736 и Грција: 3.438.
Премиерот Христијан Мицкоски денес, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека очекува Македонија да ја достигне бројката од пет милиони туристички преноќувања до 2028 или 2029 година, доколку сè се одвива според планот.
Тој рече дека минатата 2025 година, според бројките коишто ги објави Државниот завод за статистика имаме зголемен број на туристи, а она коешто посебно охрабрува е што е зголемен бројот на странски туристи над 10 отсто. Мицкоски рече дека се ближиме на бројката од три и пол милиона преноќувања, што исто така претставува многу значаен податок.

