Македонија
Студентите најавуваат нови протести и радикализација во одбрана на своите права
МОН преку својата континуирана негрижа за студентите и почитување на законските рокови ги принудува студентите повторно со протести и радикализација да си ги бараат своите права, велат од Студентски отпор.
„Веќе влегуваме во третиот месец од новата година, а МОН нема ниту едно ветување исполнето, односно:
Постојано се доцни со исплата на субвенциониран студентски оброк. Според законот, МОН е задолжен на секој први од новиот месец да исплаќа средства (околу 2.500 денари) за претходниот месец, студентите минатата недела ги примија средствата за јануари“, се додава од страна на оваа студентско движење.
Студентите што првпат се прифатени за стипендија, како што додаваат од таму, немаат видено ниту денар, иако минатата година со исплата се почна во ноември, а сега завлегуваме во март.
„Континуирано се доцни со исплата на стипендии за студентите што ја продолжуваат стипендијата – слична ситуација како со субвенционираниот студентски оброк.
Реконструкцијата на студентските домови иако најавувана за 2023 година сè уште не е почната и нема никаков рок кога би требало да заврши, од МОН велат 2025 можеби во исто време со зградите на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и ФИНКИ.
Преговорите во однос на новиот закон за студентски оброк се одвиваат комплетно нетранспарентно и нема никакви официјални информации во однос на тоа како би се одвивала зголемената исплата од неверојатни 140 денари на дневно ниво, иако моментниот начин на исплата на средства е во сила до 15 март“, се потенцира во напишаното.
Најнова информација од МОН, како што појаснуваат од Студентскиот отпор, е дека до 15 март сите средства ќе бидат исплатени и сите сметки мамирени.
„Сакаме да веруваме дека е тоа така, иако во согласност со досегашното искуство не можеме да бидеме оптимисти и да им веруваме на збор.
Како што гледаме, МОН се охрабри и овој самопоставен рок од 15 март да го запостави, па во таа насока најавуваме протести и блокади на цело Скопје. Не како минатиот пат со еден протест и еден марш, туку секојдневна блокада на сите булевари во главниот град“, истакнуваат студентите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

