Македонија
Студентски отпор: за фукционерите има, а за студентите нема пари
Во ситуација каде што МОН и владата континуирано тврдат дека „од наредниот месец“ ќе се исплаќа навремено субвенциониран студентски оброк и стипендии, кога студентите од минатата академска година не се обештетени поради „правни процедури„ – многу брзо се сложија дека покачување на нивната плата за 78% треба да има, обвинија од Студентски отпор.
Тие ги обвинија функционерите дека не се грижат за младите, туку само за нивните џебови.
„Оваа е последна во долга континуирана низа на постапки каде што надлежните институции со дела покажуваат дека за студентите, средношколците, младите воопшто не им се приоритет. Особено во споредба со полнење на сопствените џебови.
Студентите ќе слушаат предавања во со децении стари, не реновирани објекти, ќе плаќаат илијадници денари во скриени трошоци секој семестар, ќе бидат жртви на легална корупција од страна на партиски обоени професори, но затоа за децата на Јетон Шаќири со новото покачување, ќе имаат доволно средства за уште едно ламборџини.
Стипендиите повторно доцнат, МОН повторно нема слух, факултетите се распаѓаат, кадар недостасува, имаме неверојатен одлив на мозоци – но најважното од се јавните функционери си ја покачија платата за 78%.
ДО КОГА ЌЕ ТРПИМЕ ВАКВИ РАБОТИ ДРАГИ НАШИ КОЛЕГИ, ДО КАДЕ НИ Е ПОЛНА ЧАШАТА?“ велат од здружението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

