Македонија
Субвенции за инвертери годинава ќе добијат скопјаните кои ќе ги предадат старите печки
Град Скопје во текот на следната недела ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување инвертер клима уреди.
Новитет годинава е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, нафта или мазут.
Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.
Со јавниот повик се опфаќаат сите високоефикасни инвертер клима уреди кои се купени од 1 јануари годинава, а истиот ќе трае заклучно со 30 ноември или до исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот кој градските власти го предвидуваат за оваа намена.
Повикот ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден прв услужен“.
На Јавниот повик немаат право на учество граѓаните кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат.
Во буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

