Македонија
Сугарески: Го решаваме најголемиот проблем на жителите на општина Ѓорче Петров
„Жителите на Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука добиваат нова канализациска мрежа и асфалтирани улици. Инвестираме над 500 илјади евра во комуналната и 700 илјади евра во локалната патна инфраструктура во општината, со што го решаваме најголемиот проблем на локалното население“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната работна посета на општина Ѓорче Петров.
Сугарески, заедно со градоначалникот Александар Наумоски, изврши увид во втората фаза од изградбата на канализацискиот систем во општина Ѓорче Петров.
Проектот е со вредност од речиси 500 илјади евра и опфаќа изградба на дополнителни 7 километри канализација во Волково, Волково-Пржина, Кисела Јабука и Стопански Двор, а се очекува да биде завршен до крајот на јули.
„Последниве 3 години интензивно работиме со цел што повеќе да ја покриеме територијата на земјата со комунална мрежа и досега тоа успешно го реализираме. Само во моментот преку Министерство за транспорт и врски се работи на над 20 проекти за изградба и реконструкција на водоводи и канализации во вредност од десетина милиони евра, меѓу кои и втората фаза од изградбата на канализација во повеќе населени места во општина Ѓорче Петров. Претходно, во првата фаза изградивме 20 километри канализација, а покрај тоа се асфалтираа 33 улици во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука, со што значително го подобруваме животот на жителите. Дополнително, преку Министерството за транспорт и врски обезбедивме приближно 700 илјади евра, со кои ќе асфалтираме уште 4 улици во овој дел од општината. Она што сакам да го истакнам е дека реализацијата на капиталните инвестиции во секторот транспорт е на високо ниво и ги правиме најголемите инвестиции во инфраструктурата досега инвестирајќи над 1 милијарда евра во капитални проекти од огромно значење за граѓаните, стопанството и економијата во целост. Исто така, работиме на многу нови проекти, особено во патната и комуналната инфраструктура, во текот на следниот месец ќе објавиме десетина нови тендери за реконструкција и изградба на нови патишта, континуирано подготвуваме проекти за изградба на канализации и водоводи, така што очекуваме економијата и градежништвото да бележат раст и полека да излегуваме од оваа криза што ги погоди речиси сите сектори во државата“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, истакна дека со проектот за изградба на канализација во руралните делови на општината септичките јами се ставаат надвор од употреба, со што се заштитуваат артериските бунари во сливот на реката Лепенец.
„Жално е што во 21 век мораме да зборуваме за изградба на фекална канализација, но уште потрагично е што 12 години претходно никој не ставил акцент на основните потреби на граѓанинот. За 2 години, Општината заедно со државата изгради фекална канализација во должина од 26 километри во руралниот и урбаниот дел. За довршување на целосната покриеност со фекална канализација на селото Волково, во должина од 13 километри, Општината веќе има изработено проектна документација и се надевам дека проектот ќе се реализира во текот на идната година со владина поддршка. Сакам да истакнам дека никогаш претходно во Ѓорче не се градело колку што се гради сега. Во моментот имаме 5 капитални проекти, меѓу кои градинка и спортска сала во Волково, базен во Ѓорче Петров, корзото е веќе во завршна фаза, а речиси го финишираме и јавното осветление, со кое можеме да се пофалиме дека е најмодерно и најефикасно осветление во главниот град и пошироко“, изјави градоначалникот Александар Наумоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

