Македонија
Сугарески: Градежништвото ја движи домашната економија
Градежништвото ја движи домашната економија, порача министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, кој денес се обрати на отворањето на 18. меѓународен симпозиум во организација на Друштвото на градежните конструктори на Македонија, кој се одржува во Охрид.
Министерот Сугарески во своето обраќање истакна дека ваквите собири се од огромно значење за развојот на градежништвото во нашата држава бидејќи нудат можност за размена на меѓународни искуства и нудат нови современи методи и научни достигнувања за унапредување на градежната дејност.
„Градежната дејност има непроценливо значење за развојот на нашата земја. Од професионален аспект, тоа е поле за натпревар на идеи и проекти. Од економски апсект, градежништвото учествува со над 30 проценти во домашниот бруто-производ, вработува над 40 илјади работници, а поддржува уште 36 други стопански гранки. Затоа е многу важно да создаваме услови на континуитет на градежната експанзија во земјата и притоа да понудиме нови знаења, норми и методи, кои ќе ги приспособиме на домашната легислатива“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески во своето обраќање.
Министерот додаде дека во време кога се неопходни реформи со цел да се воведе високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите, придонесот на стручните и академските лица преку давање препораки и насоки е од особено значење за креирањето на политиките.
„Нашата цел е да ја приспособиме легислативата кон новите научни предизвици, да изработиме закони и подзаконски акти, што ќе бидат поедноставни и поефикасни за спроведување, а кои ќе обезбедат просторен развој и нови инвестиции. Политиката што ја води оваа Влада во делот на градежното земјиште и урбанизмот е во насока на креирање нови законски решенија со кои сметаме дека ќе се олеснат процедурите за работа на сите субјекти. Ние остануваме целосно транспарентни во креирањето на законите и оставаме простор сите заинтересирани страни да достават предлози за да креираме функционална легислатива. Затоа, како стручна јавност очекуваме да ни испраќате свои предлози и видувања од стручен аспект за сите заеднички да создадеме нови законски решенија што ќе ја унапредат градежната дејност“, се обрати министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот Сугарески истакна дека во завршна фаза е носењето на законот за урбанистичко планирање, а со сите релевантни институции и здруженија се подготвува нов закон за градење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде прoменливо облачно со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места ќе има слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до шест, а максималната ќе достигне од седум до 11 степени.
Во Скопје променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до пет, а максималната ќе достигне до 10 степени.
УХМР информира дека ќе продолжи периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има утре кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.

