Македонија
Сугарески и Китанов извршија увид во реконструкција на булевар Туристичка во Охрид
До крајот на месец март ќе почнеме со реконструкција на четириесетина патни правци низ државата со што започнуваме со градежната офанзива во изградба и реконструкција на целокупната патна инфраструктура во државата, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при посетата на општина Охрид и извршениот увид во реконструкција на булеварот Туристичка.
Тој понецира оваа година ќе се инвестираат преку една милијарда евра во изградба и реконструкција на патната мрежа.
„Како што најавивме со директорот, со започнување на градежната сезона продолжуваме со силно темпо со реконструкција и изградба на патната мрежа во Република Северна Македонија. Градиме два автопатишта, четири експресни патишта и рехабилитираме преку дваесетина поголеми регионални патни правци.Охрид и охридскиот регион е многу важен за сите нас, како за стимулирање на економскиот и туристичкиот развој на градот така и на подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните. Затоа со ЈП за државни патишта почнавме реализација на проекти во вредност од преку 10 милиони евра во подобрување на патната инфраструктура. Денеска сме тука да извршиме увид во реконструкција на овој транзитен дел низ Охрид. Покрај овој регионален пат, интензивно се работи и на асфалтирање на стариот пат кон Струга. Веќе од следната недела ќе почне интензивно и на реконструкција на патот до Радожда. Она што е важно е да обезбедиме брза конекција со граничните премини, за тоа цел ќе се реконструираат и патните правци према Ќафасан и према Свети Наум, за што претходно треба да се направат проекти”, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека претстои силна градежна сезона во која ќе се работи на преку 800 километри патна мрежа во државата.
„Дваесеттина години не се реконструирало овде. Оваа реконструкција на булевар Туристичка очекувам да заврши до мај за да ја запазиме туристичката сезона. Сакам да најавам дека до крај на овој месец ќе почнеме со рехабилитација на околу читириесетина патишта, а до крај на следниот месец со рехабилитација на уште петнаесетина патни правци. Тоа значи дека годинава ќе реконструираме преку 800 километри патна мрежа. Исто така, очекувам оваа година да се изработи и проект за реконструкција на патниот правец Охрид – Свети Наум и следната година да почнеме со негова реконструкција”, изјави Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта.
За вршителот на должност градоначалник на општина Охрид, Константин Георгиески, оваа инвестиција е од особено значење бидејќи ќе се подобри безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри туристичката понуда на Охрид. Тој истакна дека со министерот Сугарски и со директорот Китанов разговарале и за реконструкција на влезот на Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.
Македонија
15 возачи лишени од слобода поради возење без возачка дозвола и под дејство на алкохол
Полициски службеници на целата територија на државата, во текот на вчерашниот ден, лишиле од слобода 15 возачи, од кои шест за возење под дејство на алкохол, на територија на Делчево, Кичево, Гевгелија, гевгелиско и двајца во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Исто така, пет лица се лишени од слобода затоа што управувале возило без возачка дозвола, на територија на Скопје, Градско, светиниколско, Прилеп и неготинско. Четворица возачи пак се лишени од слобода поради возење со забрана за управување возило од Б категорија, и тоа еден во Гевгелија, еден во Скопје, а двајца во тетовско. По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, посочува МВР.
Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.

