Македонија
Сугарески: Низ цела држава се случува офанзива за изградба и реконструкција на патната мрежа
Mинистерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, извршија увид во реконструкцијата на oбиколницата Скопје.
Како што информираат од ресорното министерство, во тек е реконструкција на делницата од клучка Стајковци до клучка Мирковци, во должина од 10 километри, а станува збор за инвестиција од околу 600 илјади евра, средства обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
„Ова што сега се работи всушност претставува дел од вкупниот инвестициски циклус во патната инфраструктура што се реализира во Република Македонија. Во моментов се реализираат проекти во висина од преку 800 милиони евра, што е историски највисока инвестиција во изградба и реконструкција на патната мрежа во земјава. Интензивно се работи на двата автопатишта, се работи и на изградба на четирите експресни патишта, на реконструкција и санација на регионални патишта, така што низ цела држава се случува една градежна офанзива“, изјави Сугарески.
Според директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, сите проекти се реализираат во предвидените рокови.
„Сакам да информирам дека се завршени и тендерите за реконструкција на 31 регионален пат. Од нив, 12 патишта се со заем од Светска банка, 7 преку ЕБОР и останатите се со средства од буџетот на ЈПДП, или вкупна должина од преку 360 километри. Очекувам оваа градежна сезона да почнеме со работа“, изјави Китанов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

