Македонија
Сугарески: Се фокусираме на локалната инфраструктура и на подобрување на условите за живеење на граѓаните
„Рехбилитирана е речиси целата патна инфраструктура во Источниот Регион и во Делчево и сега се фокусираме на локалната патна мрежа и комуналните работи со цел да им ги подобриме условите за живеење на граѓаните. Во моментот интензивно работиме на изградба на канализациска мрежа, со што ќе го решиме проблемот со атмосферските води“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, при денешната посета на општина Делчево, каде што заедно со градоначалникот Горан Трајковски изврши увид во повеќе инфраструктурни проекти што се реализираат во општината.
Проектот за изградба на канализациска мрежа во Делчево во должина од 2 километра е со вредност од 13 милиони денари.
„Реализацијата на капиталните проекти во државата не само што не застана поради корона-кризата туку тие се реализираат со многу силна динамика насекаде и во секој регион. Создавањето подобри услови за живеење на жителите на Делчево е тоа што централната и локалната власт посветено и заеднички го работиме и тоа е видливо на терен. Општина Делчево преку Министерството за транспорт и врски има на располагање приближно 800 илјади евра за изградба и санација на локални патишта и улици. Во првата фаза Општината аплицира за реконструкција на 3 улици и за два месеца очекувам да го распишеме тендерот во согласност со правилата на Светската банка, со што веќе наесен почнуваме со реконструкција. Ова е показател на сериозните инвестиции во регионот. Веќе ги рехабилитиравме патиштата кон граничните премини, како и транзитот низ Делчево, па слободно можам да кажам дека, генерално, сè што требаше да се сработи, одговорно сработивме. Верувам дека со тоа граѓаните добија поквалитетен живот, а локалната економија услови за раст“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот за транспорт и врски и градоначалникот на општина Делчево извршија увид и во градежните работи за реконструкција на неколку улици во градот.
Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски, истакна дека во соработка со Министерството за транспорт и врски локалната власт ги решава децениските проблеми на жителите на општината.
„Со проектот за одделување на фекалната од атмосферската канализација во населбата Милково Брдо – 2 го решаваме долгогодишниот проблем со атмосферската вода, која при обилни дождови предизвикуваше поплавување на повеќе објекти и имоти на граѓаните во овој дел од градот. Досега изградивме речиси 300 метри, работите се одвиваат со силен интензитет и очекуваме канализациската мрежа да биде завршена за 5 месеци. Веднаш по завршување на изградбата на атмосферската канализација, почнуваме со реконструкција на улицата Вера Јоциќ. Исто така, Општината со сопствени средства планира изградба на улици во градот и населените места во износ од 12 милиони денари. Како што може да се забележи, во Делчево се гради како никогаш досега и 2020 година, иако тешка во однос на актуелната здравствена криза, ќе биде година на инфраструктурата“, изјави градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

