Македонија
Судењето за „Шлаканиците во Центар“ почна пак од почеток
Точно 3 години, 1 месец и 1 ден од поднесувањето на обвинението од СЈО за шлаканиците во Општина Центар во 2016 година, судењето за предметот „Насилство пред Општина Центар“ популарно наречен „Шамарите во Центар“ повторно почна од почеток поради истек на повеќе од 90 дена од претходното рочиште.
Судијата што го води случајот, Душан Јосифов, закажува по едно до две рочишта месечно, што со ваква динамика на судење значи дека предметот не може да се очекува ниту годинава да заврши иако станува збор за обвинение што треба да се суди во скратена постапка.
Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот од судењето побара на поранешниот премиер, Никола Груевски, да му се суди во отсуство бидејќи 11 месеци е во Унгарија и е недостапен за органите на прогонот.
„Не е извесно дали и кога Никола Груевски би бил достапен за да му се суди во негово присуство“, рече Фетаи.
Адвокатот на обвинетиот Никола Груевски, Димитар Дангов, рече дека бара предметот да почне од почеток, како што рече, не за да се одложи судењето, туку за да заврши побргу. Тој побара ден за да дојдат во судот и да ги видат предложените докази и да се одлучи за нивните приговори што од доказите ќе биде прифатено.
Минатото рочиште беше одложено бидејќи предметот беше земен на увид во Судскиот совет. Обвинети во овој случај се експремиерот и бегалец, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова, и уште осум лица. Вина за настаните пред Општина Центар во јуни 2013 година признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни, а за Димче Крстев се водеше раздвоена постапка. Обвинетите во предметот се товарат дека го поттикнале насилството што се случи при протестите пред Општина Центар во јуни 2013 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

