Македонија
Судење за „Монструм“: Ахмети имал информации дека момчињата не биле само убиени, туку масакрирани
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го почна своето денешно сведочење во случајот „Монструм“ претставувајќи се како пратеник.
„За овој грозоморен настан дознав следниот ден од медиумите. Беше многу трагичен настан. Сигурно дека сум разговарал со многу луѓе, ако вреди за судот и за јавноста, сите мои разговори нека се прикажат јавно. Нормално е дека не можам да се сетам на сите детали, но сум зборувал за да ја видиме вистината за настанот бидејќи бевме вознемирени. Јас и како претседател на партија и пратеник имав грижа, тоа не беше лесна ситуација, сите на некој начин бевме исплашени од овој настан и да не дојде до некој судир. Сите разговори беа во тој поглед со моите соработници. На одредени детали може да ме потсетите. Тоа беше многу лоша ситуција за сите и за мене, и како човек и како партија сум се обидувал да дадам придонес да се расчисти ситуацијата. Сум разговарал со меѓународната заедница, сум барал помош од госпоѓа Нуланд како помошник-државен секретар на САД, како и од високи претставници на ЕУ. Одговорот на Нуланд беше дека тие не може да помогнат во овој настан. И одговорот на ЕУ и САД беше дека тие веруваат на ОБСЕ“, рече Ахмети.
Обвинителкатта Фатиме Фетаи го прша дали се сеќава на разговорот со Сафет Незири.
„Не само со Сафет, сум разговарал и со многу други луѓе за евентуално да не бидат без вина обвинети. Не негирам дека сум разговарал со него. Добро би било судот и сите да знаат што сум зборувал со него“, одговори Ахмети.
На 12.5.2012 година Ахмети од Сафет побарал да се формира паралелна комисија за расчистување на случајот. Фетаи праша што предизвикало сомнеж кај него за тој да побара паралелна комисија.
„Имавме потврдени и непотврдени информации дека може да има протести за овој настан и работите да излезат од контрола“, рече Ахмети.
„Два дена по настанот, на соговорникот му велите дека убиените биле класично стрелани. Какви ви беа сознанијата?“, праша Фетаи.
„Информациите ги имав од органите, од институциите, бидејќи тие не биле само убиени, туку масакрирани“, одговори Ахмети.
„Биолошкиот материјал не им припаѓа на луѓето во кои се сомневаат, со исклучок на луѓето што не се тука. Како знаете кои се луѓето што се осомничени во овој дел од истрагата, со оглед на тоа дека во тек била предистражна постапка?“, праша Фетаи.
„Секогаш сум се повикувал за без докази да не се обвинува никој. Тоа било прашањето што сум го разговарал со секого“, рече Ахмети.
Сведочењето на Али Ахмети е во тек. Сведокот Бујар Османи го потврди своето присуство, но најави дека ќе задоцни.
Судијата Огнен Ставрев на почетокот на денешното рочиште изуми да им дозволи на медиумите да снимат инсерти од судењето.
На минатото рочиште за петкратното убиство кај Смилковското Езеро сведочеа поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот директор на БЈБ, Љупчо Тодоровски – Радникот.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јелиќ и Кајмакоски се разделиле околу два по полноќ пред клубот кадешто настапиле, потоа пејачот бил киднапиран
Пејачот Даниел Кајмакоски синоќа беше киднапиран на улицата Караѓорѓева во Белград, а драмата се случила пред клубот во кој настапувал. Нешто малку пред киднапирањето, со него бил Алекса Јелиќ, кој сега се огласи за „Блиц“.
Како што раскажа, вечерта била вообичаена и тие двајцата се разделиле по настапот.
„Настапувавме, но немам никакви информации, освен она што и вие го имате. Важно е дека човекот е жив, здрав, дека е како што треба. Тоа е најважно, а останатото не можам да го коментирам“ рече Алекса Јелиќ, а на прашањето дали се слушнале, додаде: „Не, се разделивме синоќа меѓу еден и пол и два часот и оттогаш не успеавме да се слушнеме“ наведе тој за „Блиц“.
Претодно со официјален допис се огласи Mиланка Рашиќ, која е задолжена за односи со јавноста за Даниел Кајмакоски. Таа рече дека утрово разговарала со него по ноќта помината во полициска станица. Потврди дека пејачот бил киднапиран синоќа во близина на „Бетон хала“ во Белград и сега е дома, но потребен му е мир.
Според досегашните информации, киднаперите се движеле во правец кон Рума, кога сообраќајната полиција се обидела да го запре возилото. Во обид да избегаат, тие удриле во банкина, излегле од автомобилот и побегнале. Даниел бил пронајден врзан, а потоа поминал неколку часа во полициска станица, давајќи искази за настанот.
Српските медуими во текот на денот објавија и видео од полициската потера, а разговараа и за мајката на Кајмакоски, која изјави дека е во шок.
Македонија
(Видео) Договорено покачување на платите за околу 11.000 административци до 2028 година
Околу 11.000 вработени во јавната администрација, судовите и обвинителствата ќе добијат покачување на платите од речиси 40 отсто до 2028 година, објави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Станува збор за нов договор меѓу Владата и синдикатите УПОЗ и САДУ, за кој Мицкоски оцени дека претставува историски момент, бидејќи, како што рече, никогаш досега немало толку јасен и временски прецизиран план за усогласување на платите и нивно достоинствено ниво.
„Ова е поширок пакет кој ќе ги опфати вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата – вкупно околу 11.000 луѓе. Договорот има рок до 2028 година и претставува целосна регулација на односите меѓу Владата и вработените во овие институции“, изјави Мицкоски.
Тој потсети дека Владата веќе има постигнато слични договори со вработените во образованието и здравството.
Мицкоски најави дека паралелно ќе се работи и на нов општ колективен договор, во соработка со репрезентативните синдикати ССМ и КСС.
Македонија
Нелегален објект на аеродромот Стенковец, Николоски соопшти дека ќе бара конфискација
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека ќе почне постапка за конфискација на нелегално изграден објект на спортскиот аеродром Стенковец во Скопје.
„Во координација со повеќе институции – Министерството за транспорт, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Државниот градежен инспекторат и Аероклубот на аеродромот Стенковец – ќе се започне постапка за конфискација на објектот кој е целосно нелегално изграден на државно земјиште“, објави Николоски на својот фејсбук профил.
Тој информира дека ќе биде побарано од Обвинителството и Судот објектот да се одземе во корист на државата, со намера да се стави во функција на Агенцијата за цивилно воздухопловство – за обука на пилоти и други потреби поврзани со воздухопловниот сектор.
Николоски нагласи дека Министерството за транспорт, како институција надлежна за објекти од прва категорија како аеродроми, болници, универзитети, спортски сали и стадиони, „сериозно пристапува кон решавање на проблемот со нелегално изградени објекти“.
„Ова е јасна порака дека нема да се толерира нелегална градба на места каде што Министерството и Државниот градежен инспекторат имаат надлежност“, заклучи вицепремиерот.

