Македонија
Судење за несреќата кај Ласкарци: автобусот воопшто не требало да влезе во сообраќај
Шефот на возниот парк во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, имал само основно образование, немал ниту еден ден стручна обука или курс или каква било компетенција, а раководел и управувал со работењето на превозникот.
Ова во воведниот говор за судењето за сообраќајната несреќа кај Ласкарци го нагласи обвинителот Дарко Јакимовски.
По налог на Ремзи, биле ставени уреди за манипулација во тахографот, а возачите ги активирале со прекинувач за да не се прикаже реалната брзина на движење.
„За возачите да избегнат казна, во тахографот биле вградени, т.е. скриени посебни електрични инсталации, кои оневозможувале реално отчитување на тахографските ленти. Во секое време возачите со активирање на прекинувачот ја манипулирале брзината што се отчитува“, рече обвинителот во воведниот говор.
Други возачи сведочеле дека тоа се случувало во континуитет.
По несреќата, кај два автобуса биле извадени уредите за манипулација на брзината.
„Никогаш, буквално никогаш, не се случило автобус да не го помине техничкиот преглед поради технички неисправности. Само во 2019 година се констатирани неисправности кај 80 автобуси што биле на контрола“, рече Јакимовски.
Тројцата контролори во станицата за технички преглед требало да спречат воопшто автобусот да влезе во сообраќај, дополни обвинителот.
Тој рече дека автобусот возел цели 16 дена по неколку тури на ден на истата релација.
„Прашање на време било кога ќе дојде до несреќа“, рече Јакимовски.
„Возачот не бил под дејство на алкохол, замор, лекови или други супстанци и не користел телефон или друга направа за да му го одземе вниманието. Положбата му била стабилна со две раце на воланот. Фокусирано следел што се случува, но ништо не презел“, рече обвинителот.
Обвинителот рече дека во автобусот настапила агонија, пискотници и плач.
„Будните патници биле свесни дека одат кон амбис и дека се соочуваат со смртта“, истакна Јакимовски.
„Оваа постапка не смее да биде цел самата за себе. Општеството во целина преку овој настан мора да извлече поука“, рече обвинителот на крајот од воведниот говор.
На обвинителна клупа за автобуската несреќа кај Ласкарци седнаа сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, вработениот во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, кој претходно бил осудуван, машинскиот инженер, порано вработен во техничкиот преглед, Игор Ѓорѓиевски, исто така и Горан Дуковски, Јане Боваровски и возачот Маноил Трифуновски. Во судницата беа присутни и нивните адвокати, како и адвокати на оштетените.
Предметот го застапува скопскиот обвиниетел Дарко Јакимовски, а по него судат Дијана Груевска-Илиевска и Александра Ристеска и тројца судии поротници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

