Македонија
Судење за „Плацови на Водно“ – сведок кажуваше како се купувале плацовите и становите на Груевски
Александар Ивановски-Теранова, во својство на сведок во случајот „Плацови на Водно”, посочуваше како биле купувани плацовите, но и становите на Бихачка каде што порано живееше Никола Груевски. Тој објасни како била основана и фирмата „Сирах инженеринг” во Македонија, поврзана со офшор компанијата „Сирах” од Белизе. Тој кажа дека контактирал и со Никола Груевски, откако избегал во Унгарија. Според сведочењето на Ивановски-Теранова, Груевски барал станови за сопругата и децата.
„И да не ми е позната, сега ми е позната. По игра на случајност, презедов активности по замолница од мојот добар пријател Сашо Мијалков, кој ме замоли да потпишам полномошно за еден пријател за таа фирма во Македонија. Тоа е мојот единствен личен контакт со таа фирма. Како секој добар пријател, нормално прифатив да го потпишам тој документ во адвокатската канцеларија ‘Марков Чукиќ’. Не можам да се сетам која фирма се основаше, бидејќи вршев услуга за пријател на мојот пријател. Во документот не пишуваше кој ќе биде управител, тоа е само офшор компанија која дава овластување на правник да ја регистрира фирмата во Македонија. Не знаев како е називот на новата фирма, по извесен период дознав дека ‘Сирах’ од Кипар основала компанија ‘Сирах инжинеринг’ во Македонија, а потоа дознав дека управител е Ристо (Новачевски), за тоа ме извести Мијалков и ми посочи дека ќе ме контактира”, кажа тој.
„На телефон ме повика да се видиме со Лазар Бошњаковски. Седнавме на кафе во ‘Корзо’, од негова страна ми беше понуден плац на Водно, 10-11 илјади квадрати по цена од милион и пол евра. Ми покажа дел од скиците и имотниот лист, сопственици беа лица од Црна Гора кои го добиле преку процес на денационализација. Со оглед на бизнисот што го работам, нормално дека бев заинтересиран за понудата. Меѓутоа, за човек да одлучи дали да го купи, инвенстира или не, треба да види дали има ДУП, а бидејќи Лазе не ги знаеше тие работи, отидов во Општина Центар, надлежна за тој реон. Таму се утврди дека тие плацови се надвор од градежен реон. Со тоа истите станаа непредметни бидејќи на таков плац можете да ставите само сандаци за пчели за мед оти се надвор од градежна зона”, кажа сведокот.
За одлуката го известил адвокатот кој му ги понудил плацовите, но и, како што кажа, Сашо Мијалков и други луѓе.
„За таа квадратура, тоа е доста евтино. Муабетот заврши на тоа, во тој момент. По месец и половина Сашо ме повика и ме праша дали тој плац е продаден или уште се продава. Одговорив дека треба да се провери дали плацот се продава и на моето прашање зошто, кажа дека има пријател кој сака да го купи. Па рече да се стапи во контакт со луѓето кои го продаваат, ако не е продаден. Се видовме со адвокатот Лазе, му кажав дека ако не е продаден има луѓе кои се заинтересирани да го купат. Лазе како посредник очекуваше да земе провизија од една таква зделка. Меѓутоа, проценив дека во таа ситуација не треба ниту јас, ниту Лазе да земаме провизија бидејќи станува збор за моќни луѓе кои пројавиле интерес. На Лазе не му беше кеиф да го чуе тоа, но ме послуша. Се јави на својот пријател кој контактираше со сопствениците во Црна Гора и така стапивме во контакт со вистинските сопственици на тој плац. Сопствениците ги застапуваше Горан од Будва. По пројавениот интерес, се имам сретнато со него кога дојде во Скопје. Разговаравме за плацот и инсистирав да ги погледнам сите документи во врска со плацот што го продаваат. Ме интересираше каде се наоѓа. Ме одведе. Тој плац е на Водно кога се иде кон шеста управа. Како го поминуваш сртчето преку мостчето. Плацот е надоле. Ако мене ме прашате, тој плац е стрмен, не е поволен за градба. По тој состанок отидов кај Мијалков, кажав дека се видов со еден од сопствениците, дека го видов и плацот, му кажав мое мислење. Тој кажа дека ќе пренесе на пријателот, а ако е заинтересиран да го купи, ќе каже”, рече Александар Ивановски-Теранова.
По неколку дена, Александар Ивановски-Теранова добил повик од Мијалков, кој му кажал дека ќе го купат плацот. Мијалков најавил дека сведокот треба да го исконтактира Ристо Новачевски.
„Го контактирав, кажав од кого сум добил број, дека треба да се видиме за да се заврши купопродажниот договор за плацот додека лицето од Црна Гора е тука. Тогаш Сашо ми кажа дека Ристо е сопственик на ‘Сирах инженеринг’, која е сопственик на ‘Сирах’ од Кипар. По тој мој првичен повик на Ристо, се сретнавме, го запознав со Горан од Црна Гора. Се виде дека Ристе нема искуство во овие работи, беше исплашен. Бев замолен да ја завршам оваа работа, да му помогнам да ги заврши овие работи. Бев присутен во нотарската канцеларија кога се потпишуваше купопродажниот договор. Се виде дека Ристо нема искуство во овие работи, а јас како долгогодишен бизнисмен кој се занимава со купопродажба на недвижности помогнав за да не биде изигран. Чекавме два дена финансиските средства да легнат на фирмата за да бидат исплатени на продавачите. Бидејќи повеќе лица продаваа, парите требаше да бидат исплатени на неколку сметки . Не ме фаќајте за збор, не сум сто отсто сигурен”, кажа Александар Ивановски-Теранова.
Тој пред судот кажа дека немал лични интереси да проверува дали тоа земјиште е влезено во ДУП или ГУП, но по долго време од купувањето, по замолница од Мијалков, проверил во Општина Центар.
„На барање на Сашо. Ми кажаа дека е дозволена градба на неколку индивидуални куќи. Во 2015 година кога излегоа бомбите тие плацови се споменуваа во неколку наврати. Во тој момент разговав со Сашо. Му реков дека мислев дека плацоите се за него, а не биле. Се спомнуваше името на Никола Груевски. Тој кажа ‘да, гледаш дека не сум те лажел, навистина не се за мене’. Не сум разговарал за плацовите со друго лице. Во 2015 година од медиумите дознав дека овие плацови ги купил господинот Камчев, односно фирмата ‘Кара’ или која беше. Во една пригода го прашав Камчев што му требаше да го купува тој плац кога, жаргонски кажано, е озрачен, а тој ми одговори: ‘Морав, зашто да не’, во тој контекст”, кажа сведокот.
„ИТК инженеринг”е уште една фирма за која сведокот Александар Ивановски-Теранова кажа дека ја познава:
„Основана е за да се јави на јавно наддавање за исто таков плац на Водно. Основач и управител е мојата секретарка, со капитал од 5.000 евра. Исто така, во разговор со Мијалков ми беше посочено дека ќе има продажба на државни плацови на Водно и дека не е лошо да се формира нова фирма, иако јас бев сопственик на две фирми, за да се учествува на јавниот тендер кој беше објавен во јавно гласило. И дека не е лошо тој плац да се купи. Плацот требаше да се купи за негов пријател. Целата поента на тоа е јас да се јавам како купувач на плацот, да инвестирам сопствени средства, фирмата да се продаде и така да си го вратам вложеното. Во тој момент не се кажа името на пријателот, а јас не инсистирав, не препрашував, вршев услуга. Тоа во градежништвото се вика ‘купуваш нешто за познат купец’. На тој плац имаше маркица за куќа. Претпоставував дека штом ќе го купам плацот во иднина ќе ја градам таа куќа, што е бенефит за мојата фирма. Откако беше завршено јавното наддавање, ‘ИТК инженеринг’ го зеде плацот, па по извесен период бев замолен од Сашо преку таа фирма да се купи стан што граничи со становите каде што живее Никола Груевски, за да не може друг да го купи. Според тоа, штом истата фирма купува стан кој се граничи со тогашниот стан на Груевски, де факто и овој плац би требало да биде наменет за него”, кажа Александар Ивановски-Теранова.
Тој посочи и дека фирмата го купила станот иако никој не преговарал со продавачот на станот, а средствата за купување на станот биле негови, лични, како и за купувањето на плацот.
„Тања како управител отиде на нотар и потпиша. Парите беа уфрлени како позајмица, дел од лични средства, дел од мои вработени кои подигнаа кредит. Го немам видено станот што го купи ‘ИТК инженеринг’. Мислам дека во 2008 година ја замолив Татјана Стојановска да купи уште еден стан, по замолница од Сашо да најдам лице кое е доверливо да купи стан за Груевски, а да не биде на негово име. Парите за тој стан веројатно беа дадени од Груевски, сума од 40.000 евра. Ѝкажав на Тања да го купи станот на нејзино име, тоа ќе биде стан на Груевски, не сака да биде на негово име, а потоа ќе го префрли”, кажа сведокот.
Во 2018 година Александар Ивановски-Теранова бил повикан во хотелот „Мериот” од лице кое било возач на Груевски, како што кажа, да му даде договори за закуп, за да се потпишат од сопственичката на еден од становите, Татјана.
„Лични средби со Груевски не сме имале за оваа тема. Во 2018 година, по неговото бегство во Унгарија добив порака од телефонски број, претпоставувам унгарски, во која ме прашува дали имам станови во Центар, во Скопје. Беше заинтересиран да земе за во нив да се преселат сопругата и децата. Кажав дека имам зграда во Аеродром која ќе биде готова кон крајот на 2020 година. Врската прекина. Ме побара во октомври-ноември 2020 година, не сум го слушнал телефонот, не разговаравме. Мислам дека повикот беше по давањето на исказот во Обвинителство“, посочи тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.
Македонија
Ако не се реши проблемот со превозниците, ќе трпи цела Европа, порача Николоски од Загреб
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски порача дека доколку не се изнајде решение за проблемот со превозниците и електронската евиденција за престој и работа во шенген-зоната, тоа ќе претставува сериозен удар не само за македонската и регионалната економија, туку и за економијата во цела Европа.
Николоски денеска во рамки на работната посета на Загреб оствари средба со Лука Буриловиќ, претседател на Стопанската комора на Хрватска, на која беше потенцирана клучната улога на транспортниот сектор во развојот на регионалната економија и негативните последици што би ги имале ограничувањата во работењето на превозниците од земјите од Западен Балкан.
Според Николоски, ваквата состојба претставува сериозна закана за економската стабилност и развој доколку не се изнајде соодветно решение во рамки на Европската Унија, со што професионалните возачи нема да се третираат како туристи или мигранти, туку како професионалци кои ја извршуваат својата работа.
На средбата беше разговарано и за унапредување на економската соработка и зголемување на трговската размена меѓу двете земји. Николоски изрази надеж дека размената ќе продолжи да расте и дека во иднина може да достигне и до една милијарда евра.
Претседателот на Стопанската комора на Хрватска, Буриловиќ, оцени дека економската соработка меѓу двете држави е добра и оти постои голем потенцијал за нејзино унапредување, особено преку директна соработка меѓу компаниите, како и преку развој на инфраструктурата, вклучително и железничката.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.

