Македонија
Судиите ќе може да бидат разрешени ако откриваат доверливи информации за предметите
Собранието ги донесе измените на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет. Во дел од измените на Законот за судовите се предвидува дека судија може да одговара дисциплински ако без оправдана причина не ги закажува рочиштата по предметите, ја одолжува постапката или не го зема предметот во работа поради што настапува застареност на кривичното гонење, односно на извршувањето на кривичната санкција за кривичното дело.
Во овој закон се предвидува дека претседател на суд може да биде разрешен од функцијата кога Судскиот совет ќе утврди неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети и кога се повредени одредбите за измена на годишниот распоред на судии. Судија може да биде разршен ако открива доверливи информации што ги спознал постапувајќи по предметите или вршејќи ја судиската функција.
Според измените во Законот за судовите, Врховниот суд доби рок за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења за прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите. Рокот не смее да биде подолг од 6 месеци по сопствена иницијатива, по иницијатива на претседател на суд, на судии или по иницијатива на адвокати. Мислењата треба да се објавуваат на веб-страницата на Врховниот суд. Судските информатичари задолжително стручно ќе се едуцираат преку Академијата за судии и јавни обвинители. За овој закон се прифатени 7 амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, а одбиени 8.
Во новиот дополнет Закон за Судскиот совет пишува дека член на Советот, додека му трае мандатот, не може да биде избран за судија, за судија во повисок суд или за претседател на суд. Од Законот, по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, е избришан членот според кој министерот за правда и претседателот на Врховниот суд како членови на Советот учествуваат во работата на Советот без право на глас. Член на Советот може да биде оддалечен од вршењето на функцијата ако против него е одобрен обвинителен акт. Одлука за привремено оддалечување од функцијата донесува Советот со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас, при што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кој е поведена постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

