Македонија
Судот од почеток ќе одлучува дали Владата треба да плати фактури од 25 илјади евра за сервисирање на климите
Основниот суд Скопје 2 повторно ќе треба да одлучува дали Владата треба да ѝ ги плати фактурите за сервисирање на климатизацијата по раксинувањето на договорот на фирмата „Мото електроникс“, направени пред 8 години, пресече Врховниот суд по барањето за ревизија на предметот. Судската постапка е од 2015 година, а вредноста на спорот 1.495.179 денари или приближно 25 илјади евра.
Фирмата што со години ги сервисирала клима-уредите поднела тужба за ненаплатени фактури откако Владата одлучила предвреме да го раскине договорот. Судиите во највисокиот суд утврдиле нејасност и противречност во фактите и доказите во текот на постапката кај пониските судови, а противтужбеното барање на Владата е одбиено како неосновано. Врховен смета дека судовите не дале доволно јасни и образложени причини во однос на висината на штетата што ја досудиле на тужителот поради неоснованото раскинување на договорите.
При повторното судење, првостепениот суд ќе треба да ги има предвид укажувањата на Врховниот суд, да ја отстрани суштествената повреда и да донесе јасна и разбирлива пресуда подобна за испитување. Треба да ги има предвид и укажувањата во однос на фактите од кои произлегува основата за тужбеното барање и висината на штетата.
Основниот суд Скопје 2 го усвоил прецизираното тужбено барање Владата да му плати на тужителот – на име надомест на штета како резултат на неосновано раскинување на договорот за сервисирање и одржување на дизел електрични агрегати и УПС-уреди. Апелациониот суд Скопје со пресуда од 2016 година ја потврдил пресудата на Основниот суд Скопје 2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

