Македонија
Судот ја одби жалбата на ВМРО-ДПМНЕ – белата палата останува замрзната
Основниот суд Скопје 1 – Скопје ја одби жалбата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која побара да се укине мерката за замрзнување на имотот бидејќи, како што соопштија од таму, со тоа ѝ се нанесува штета на партијата.
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска, постапуваше по жалба изјавена против решение на судија на претходна постапка, кој го уважи предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите и изрече привремена мерка за обезбедување недвижен имот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ опфатена со предлогот. Советот, по ценење на фактите и доказите во жалбата, донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судијата на претходна постапка“, се наведува во соопштението на судот.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, вчера оцени дека барањето на СЈО и одлуките на судиите се неосновани, без аргументација и политички мотивирани. Јанушев е дециден дека со ова е повредена праксата на европскиот суд за човекови права.
Кривичниот суд вчера замрзна 69 имоти на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и седиштето на партијата, позната како белата палата. Со оваа мерка се забранува продавање на конкретниот имот, како и давање под закуп. Од СЈО велат дека дејствата се преземени во рамките на предметот „Талир“ со оглед на тоа што постои веројатност тој имот да биде отуѓен до завршување на постапката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пакуван помфрит со поминат рок требало да се продава на македонскиот пазар, АХВ го спречи увозот и го уништи
Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), спречија увоз на 20.500 килограми замрзнат компир – помфрит, со поминат рок на употреба, 23.05.2025 година. Компирот, увоз од Холандија, бил наменет за продажба на македонскиот пазар.
-Забранетите количини замрзнат компир, во присуство на инсепктори за храна од Агенцијата, нештетно се уништени во петокот на депонијата Дрисла, врз основа на изречената мерка забрана за увоз и издаденото решение со наредба за нештетно уништување, стои во соопштението на АХВ.
Оттаму додаваат и дека во рамки на вонреден инспекциски надзор кај оператор со храна од животинско потекло, АХВ заплени и нештетно уништи и 2.000 килограми небезбеден пилешки стек.
-Поради непочитување на процедурите на Добра хигиенска и Добра производствена пракса, на операторот со храна изречена му е мерка времена забрана за работа и парична казна од 4.400 евра во денарска противвредност, наведуваат од Агенцијата.
Додаваат дека во раки на редовните и вонредните инспекциски контроли на официјалните ветеринари и инспекторите за храна, АХВ продолжува со спроведување на мерки за заштита на граѓаните од консумирање на небезбедна храна со тоа и за заштита на нивното здравје, и за заштита на здравјето и благосостојбата на животните.
Македонија
Поради одрон во прекин патот Крива Паланка – Деве Баир
Од 05:05ч. сообраќајот на магистралниот пат А2 Крива Паланка – Деве Баир е во прекин поради одрон.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Побегна еден од осудените за автобуската несреќа со 16 жртви кај Ласкарци
Судот и полицијата уште трагаат по Ремзи Мифтари, осуден на 10 години затвор за автобуската несреќа кај Ласкарци во која загинаа 16 луѓе, а 30-ина беа повредени. Мифтари требало да оди во затвор уште во мај, а гостиварскиот суд пред четири дена испратил барање до МВР и СВР Тетово за присилно приведување на издржување на затворска казна.
Од СВР Тетово велат дека пред четири дена ја добиле наредбата, но гостиварската полиција не успеала да го најде дома, ниту на други локации и во тек се активности за негово откривање. Претходно, за Мифтари била изготвена покана да се јави на издржување на казната во затворот во Идризово, но откако не се јавил во наведениот рок, затворот го известил надлежниот гостиварски суд, по што е покрената постапка за присилно приведување.
Откако Апелација му ја зголеми казната од шест на десет години затвор, Мифтари бараше нејзино одлагање со лекарско уверение за операција на кила на тестиси, но одлагањето на казната одамна му е истечено.
Ремзи Мифтари, одговорниот за превоз во „Дурмо турс“, и сопственикот на фирмата, Дурмиш Белули, се осудени на по 10 години затвор за трагедијата кај Ласкарци кога неисправен автобус полн со патници излета од патот. Загинаа 16 патници, а повеќе од 30 беа повредени.
Возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, а тројца вработени во техничкиот сервис на „Дурмо турс“ добија една петгодишна и две седумгодишни затворски казни.

