Македонија
Судскиот совет ја потврди оставката на Михајлова, судијката што ги казни Јанева и Фетаи со 4.000 евра
Судскиот совет во среда, преку соопштение, потпишано од претседателот Зоран Караџовски потврди дека в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова поднела оставка.
„Судијата Татјана Михајлова вчера, на 07.03.2017 година, со писмен поднесок го извести Судскиот совет на Република Македонија дека поднесува неотповиклива оставка на функцијата в.д. претседател на Основен суд Скопје 1 Скопје.
Во текот на денешниот ден Судскиот совет на Република Македонија ќе преземе мерки за адекватно решавање на настанатата ситуација, ќе бидат извршени анализи и во најкраток можен рок ќе биде закажана седница по повод поднесената оставка на в.д. претседателот на Основен суд Скопје 1 Скопје“, се наведува во соопштението од Судскиот совет кое било испратено поради интересот на медиумите, а во корист на јавниот интерес.
Сепак, причините за оставката на Михајлова не се познати, а потегот следи откако повеќемина судии поднесоа жалби до Врховниот суд во врска со годишниот распоред кој го изготви токму Михајлова, со кои тие без консултација беа прераспоредени на нови работни места.
Врховниот суд ги прифати жалбите на седуммина од осумте судии и ги врати на старите работни места.
Судијката Татјана Михајлова ја извршуваше функцијата вршител на должност претседател на Кривичниот суд од 5 декември 2016 година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски мандатот му истече на 4 декември, но повторно се кандидираше за истата позиција.
Михајлова е судечки судија во процесот за случајот „Насилството во Општина Центар“, каде еден од обвинетите е поранешниот премиер Никола Груевски. Следното рочиште ќе се одржи на 10 март. Претходното беше одложено поради отсуство на дел од обвинетите, а Михајлова го привлече вниманието на јавноста со тоа што изрече казни од по 2.000 евра за обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи заради „несоодветно однесување“. /крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.

