Македонија
Извештај на Судски совет: Нема толку судии колку што се тужи во Македонија
Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет во 2022 година од вкупно 27 основни судови низ земјава ажурни се 14, а неажурни 13. Ваквата оценка е врз основа на разликата меѓу бројот на примени и решени предмети во годината. Односно судовите кои решиле повеќе од примените предмети во текот на годината се ажурни, додека, тие кои не успеале и го зголемиле бројот на заостанати предмети се неажурни.
Па така, меѓу најажурните, односно најмногу е намален бројот на заостанати предмети во ОС Гостивар – 649, така што секој активен судија во просек завршил 1 968 предмети, додека меѓу неажурните, како што е ОС Тетово, иако решил 3 906 предмети по судија, сепак е неажурен и заостанал за 1 223 предмети.
Ако се земе по апелациони подрачја најажурно е апелационото подрачје Гостивар каде секој активен судија решил во просек по 2 829 предмети, но, истовремено тоа е и едно од најпополнетите апелациони подрачје со 65 проценти пополнетост и 13,7 активни судии на 100 илјади жители.
На ниво на држава во просек секоја активен судија низ основните судови во 2022 година решил во просек по 2 133 предмети, во ОС Ресен, кој е оценет како ажурен, секој судија решил во просек по 1 419 предмети, додека во ОС Битола, кој е оценет како неажурен, секој судија решил по 2 320 предмети.
Промоција на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија” ќе се одржи денес.
Пописот во 2021 година, отвори и едно друго прашање, а тоа е поставеноста на судската мрежа во земјава. Така, ОС Гостивар има по 21,2 судии на 100 илјади жители и е ажурен, додека ОС Прилеп со 6,8 судии на 100 илјади жители и е неажурен.
Од сите основни судови во 2022 година, само еден работел со 100 процентна пополнетост по ситсематизација. Тоа е ОС Неготино кој по систематизација требало да работи со пет судии и според Годишниот извештај на Судски совет имал пет активни судии. Секој судија во ОС Неготино во просек решил по 1 419 предмети и на крајот од годината овој суд го намалил бројот на предмети за 318. За споредба, во ОС Струга секој судија решил во просек по 2 718 предмети, но сепак на крајот од годината бројот на нерешени предмети се зголемил за 1 259.
Во 2022 година во основните судови низ земјава имало вкупно 288 активни судии, што значи дека секој во просек опслужувал по 6 364 жители или во просек имало по 15,7 судии на 100 илјади жители.
Но, ОС Неготино е редок позитивен исклучок меѓу судовите, па додека сите ОС во просек работеле со околу 2/3 пополнетост, има и такви кои биле со половина од потребниот капацитет, па дури и некои со ниту еден активен судија, кои многу веројатно работеле со делегирани судии од други судови. Така, иако ОС Делчево немал ниту еден активен судија во 2022 година, според извештајот на Судскиот совет, решил 5 012 предмети. Но, и со толку решени предмети според Годишниот извештај на Судскиот совет, според работата овој суд е оценет како неажурен во 2022 година.
Според евиденцијата на пополнети судски места во судовите во земјава на почетокот на 2022 година има 20 помалку судии во однос на претходната 2021 година. На крајот на 2022 година има 68 помалку судии во однос на крајот на 2021 година. Просечно во 2021 година може да се земе број од 493 судии, а во 2022 година 449 судии или за 44 судии помалку.
Во просек сите основните судови на ниво на државава во 2022 година работеле со двајца од тројца потребни судии по систематизација, односно од предвидените 456 судии по систематизација пополнети биле околу 63 проценти.
Судскиот совет како причина за намалувањето на судиите ги наведува природниот одлив поради исполнување на условите за старосна пензија, како и немањето законски услови за избор на нови судии со оглед дека нема кандидати кои ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители.
Бројот на судии во земјава е во постојан пад во последните неколку години од 499 во 2019, на 493 во 2020, 473 во 2021, на 449 судии во 2022 година.
Судовите на Апелационо подрачје Скопје 2022 година ја почнале со 38 200 нерешени предмети, а примиле нови 259 034 предмети. Од нив решиле 254 135 предмети, а останале нерешени 43 099 предмети. Со пополнетост од 69,9 проценти и решени во просек по 1540 предмети на судија, основните судови на Апелационо подрачје Скопје не го совладале приливот на предмети и го зголемиле заостатокот за 4 899 предмети на ниво на апелационо подрачје.
Сепак од девет основни судови на ова апелациони подрачје, ажурни се седум, а како неажурни се оценети Кривичниот и Граѓанскиот суд во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

